Реконструкција на реконструирани улици, ставија асфалт на „Васил Ѓоргов“ и за два дена пак ја прекопаа

Ставија асфалт, не поминаа ни два дена, па го раскопаа. Улицата „Васил Ѓоргов“ во центарот на Скопје, што Петре Шилегов рече дека експресно ја реновирале, за само една ноќ е повторно раскопана. Работниците кои ги затекнвме и ги прашавме кој копа, рекоа дека тие само што завршиле, од Водовод и канализација дошле и повторно ја раскопале улицата и само ја затвориле дупката. Од Градот тврдат дека дупката ја направила приватна фирма.

Иако првиот човек на Скопје, неколкупати ветуваше дека ако некоја улица ќе биде реконструирана сите компании кои треба да постават подземни инсталации ќе бидат известени, за тоа да го направат пред асфалтирањето, но во овој случај најверојатно заборавиле.  

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов неколку пати претходно ветуваше дека кога некоја улица ќе биде реконструирана нема да има потреба повторно да се работи на неа и до 20 години.

Граѓаните се чудат како е можно комплетно асфалтирана улица да се раскопа за два дена, бараат одговорност, зашто ова се случувало често.

Од Град Скопје се правдаат дека копањето било од приватен инвеститор, и дека коловозот ќе се врател во првобитната состојба.

  • На една локација извршен е прекоп од страна на приватен инвеститор, на чии трошок ќе биде враќањето на коловозот во првобитната состојба. Инаку, самата улица не е завршена иако по неа се движат возила. Во моментов се врши ископ на шахтите и на сливниците по асфалтирањето, бидејќи тоа е редовен зафат со цел нивно нивелирање по нанесувањето на последниот слој асфалт, велат од Град Скопје.

Откако ја асфалтираа, па ја раскопаа улицата „Васил Ѓоргов“, вријат социјалните мрежи. 

  • Е ова се цареви. Инаку улицата беше асфалтирана пред 5-6 дена. Тоооо Цареви. Браво. Ваков идиотизам нема нигде на планетата. Ќе одговара ли никој за ова?! Реагираат граѓаните по социјалните мрежи.

Инаку, градот Скопје повеќе од еден месец ги раскопува речиси сите улици во главниот град. Граѓаните нервозни, возачите револтирани. Се пожалија дека градот наликувал на градилиште и дека сега не било време да се копаат и прекопуваат улиците.  

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста