“Рекет”- враќање на правната држава или акција под притисок?

Дали обвинителството било ставено пред свршен чин, па морало да ја обелодени аферата Рекет, или во прашање е навистина враќање на правната држава со овој случај, приказна која ја турка премиерот.

Оваа прашање се наметнува после скандалот кој пред два дена пукна во јавноста иако одамна низ чаршијата се вртеа муабети за тргување со бомби за милионски суми.
Прв кој обвини дека му биле барани пари е бизнисменот Зоран Азманов, кој е претседател на Надзорниот одбор на „Настел“. Кон средината на јануари оваа година Азманов го обвини Бојан Јовановски, дека му барал 50 000 евра или стан за да не објави во јавност, наводно некакви документи од финансиска полиција. Сепак иако по службена должност јавното обвинителство требаше да отвори постапка по допрен глас тоа не се случи.

Неколку месеци подоцна, новинарот Бранко Геровски започна со серијал новинарски текстови каде изнесува податоци за евентуална рекетарска банда во која јавноста го препозна токму Бојан Јовановски…

Сепак постапка е отворена дури во мај годинава кога бизнисменот Орце Камчев поднел кривична пријава , па тогаш започнува и предистражната постапка. Камчев бил жртва на осомничените од ноември 2018 до април 2019 година.

Иако обвинителката Вилма Русковска вели дека постапката е започната по пријавата на Камчев, денеска таа вели дека прв ги известил премиерот Заев, на кој му се жалеле бизнисмени дека се уценувани.

Премиерот усно нè извести мене и јавниот обвинител на Република Северна Македонија, притоа изразувајќи подготвеност да дојде и да поднесе кривична пријава на записник. Но ние му советувавме сведокот да дојде во Обвинителство и да пријави, посочува Русковска.

Обвинителството треба да одговори дали причина за да се отвори постапка биле доказите со кој чукнал на врата оштетениот бизнисмен или пак затоа што пријавил премиерот.

Аферата Рекет всушност е случај во кој осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милевски барале пари од бизнисмени и јавни личности за да не објават компромитирачки материјали за нив или пак да делуваат врз обвинителството за ублажување на постапките кои се отворени за бизнисмените.

Во аферата е вклучен и еден специјален обвинител и јавен обвинител. Јавноста ја препозна Катица Јанева како инволвирана во случајот, а таа воопшто и не се огласи по натписите за неа, а денот кога е притворен Боки 13ка таа случајно или не депонираше оставка, а на 16ти месецов си отворила и боледување.

Останува отворено прашањето зошто Јанева не е повикана на никаков разговор за скандалот, макар и како сведок доколку била злоупотребена.

Обвинителството пак должи одговори дали лице од естрадата и поранешен партиски телохранител, сега локален бизнисмен, можеле да бидат толку влијателни, за да успеат да земат милионски рекет, без да имаат поддршка или алиби од повисоки структури, дали политички или истражителски? Ова треба да го утврди шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Рускоска која отвори постапка, дури откако „жртвата“ која платила 1,5 милион евра го пријави случајот за рекет.

Мери Ѓорѓиевска