„Рекет 2“ – скандал од меѓународни размери

Откако словенечката телевизија Нова 24 објави дека реномираната шведска здравствена компанија „Диаверум“ е под постојан притисок за рекет и изнудување од страна на државата од преземањето на „Диамед“, аферата добива меѓународни размери. Денеска и од опозицијата ги прашуваат премиерот Заев и обвинителката Русковска дали знаеле со какви закани се соочува компанијата. Тврдат дека премиерот знаел за „Рекет 2“, но не реагирал. Доказ за тоа било што ниту Филипче, ниту Дончев не се тргнати од своите позиции и покрај тоа што можат да влијаат на сведоци или пак да менуваат докази. Од ВМРО-ДПМНЕ се повикуваат на словенечкиот медиум кој објавува дека Зоран Милески Кичеец присуствувал на 3 состаноци во канцеларијата на Дончев, па велат дека тврдењата на директорот на ФЗОМ дека не го познава, паднале во вода.

Словенечката „Нова 24“ објави дека Зоран Милески ѝ се јавил на Вера Иванова, жртвата во аферата „Рекет 2“ за да ја уценува, дека ако не се предомисли за продажбата на нејзината фирма „Дијамед“ ќе следела истрага против неа. Телевизијата објавува дека тој заканите ги остварил на дело, затоа што само еден ден откако Иванова го одбила ваквиот предлог, обвинителството покренало истрага.

„Само ден подоцна, на 26 октомври, обвинителката Вилма Рускоска најавила дека нејзиното обвинителство ја истражува работата на фирмата „Диамед“. Две недели подоцна следува поголем шок. Обвинителството ги замрзнува средствата на сопственичката на „Диамед“ стекнати од продажбата на „Диамед“ на шведскиот стратешки партнер“ – се наведува во текстот на „Нова24“.

И додека словенечката телевизија и оштетената Вера Иванова тврдат дека Дончев и Кичеец се познаваат, Дончев на официјална прес конференција негираше и тврдеше дека еден од главните актери во аферата „Рекет“ го знаел од телевизија, но не остварил лична средба со него. Ги негираше обвинувањата дека се обидел да спречи влез на странска инвестиција во земјава и дека со тоа го оштетил буџетот и тргна во „контра напад“. Сепак, призна дека ги предупредил Швеѓаните, затоа што имал инсајдерски информации дека против фирмата „Дијамед“ ќе има истрага и тоа месеци пред таа воопшто да се отвори. И додека Дончев барем се одважи да зборува со медиумите за случајот со „Диамед“, министерот за здравство се уште молчи. Оштетената Вера Иванова поднесе кривични пријави против министерот Филипче и директорот Дончев. И Ристо Новачевски, чие име го спомена Дончев кога, меѓу другите, го обвини за злоупотреби поврзани со фирмата „Диамед“ му даде рок до крајот на месецов на директорот на ФЗОМ да изнесе докази за искажаните тврдења. Во спротивно најави тужба.

Тања Попова