Регионалниот пат Битола – Демир Хисар – Кичево четири децении оставен на забот на времето, граѓаните со блокади барааат итна реконструкција

Со дупки како кратери долж целиот регинален пат од Битола, преку Демир Хисар до Кичево, а за чие избегнување потребна е вистинска возачка умешност и среќа, жителите од овој дел на Пелагонија, со години го минуваат секојдневно и велат дека тоа било срамно за 21 век. Револтирани од индолентниот однос на власта, тие денеска два часа го блокираа овој патен правец. Велат немаат повеќе ниту пари, ниту автомобили, а ниту животи за фрлање.


„Јас, секоја година ја менувам предницата на колата. Секој ден гравитирам, одам на работа во Демир Хисар, ова е страшно нешто. Страшно. Некни ја скинав гумата, пред тоа ја сменив предницата, сега зглобот. Не можеш да поминеш буквално и да ги избегнеш дупките. Ова е срамно. По 50 евра плаќаме патарина..кај одат тие пари?!“ – прашува Јордан Станковски од с. Жван.


„Колите се искршени. За да стигнете од Демир Хисар до Кичево, едноставно на неколку делови од патот, вие треба да возите со 30-40 км на час. Демир Хисар – Кичево треба да се стигнува отприлика за 30 до 35 минути, а ние стигнуваме за 50 минути, па и час. Има дополнителни одрони на патот, што исто претставува проблем“, – вели Виктор Блажески од Демир Хисар.


„Овде ситуацијата е навистина лоша. Имаме горе два каменоломи. Камиони врват значи со огромна тежина над 20 тони, плус нивната, тоа се 40 тони. Во куќите што се на почетокот од селото, кај Кичево на влезот, ние секој ден имаме земјотрес од 4 степени. Значи, по 50 пати се тресеме…Ситуацијата е катастрофална“, – објаснува Злате Ивановски, возач во Брзата помош од Демир Хисар.
Овие луѓе бараат итна и целосна реконструкција на овој патен правец за кој тврдат дека е главна аорта која ја поврзува Пелагонија со Западниот дел од Македонија.


„Не е само за Демир Хисар овој проблем, да нагласам дека овој пат ја поврзува цела западна Македонија: Битола, Демир Хисар, Кичево, Гостиват, Тетово, Скопје..тука е и Крушево….Досега, ниеден зафат нема на овој пат, значи во катастрофална состојба е. Илузорно е во 21 век да зборуваме за вакви проблеми за патишта“, – истакна Роберт Ендековски од с. Жван.
Со поддршка за овие луѓе излезе и градоначалникот на Демир Хисар, Никола Најдовски, спред кого власта била глува за овој суштествен проблем на граѓаните од демир-хисарско.


„Иако беше ветено дека до крајот на 2018-та ќе биде завршен целиот потег од Битола до Кичево, видовме само десетина километри асфалтирани од Битола до Лопатица некаде. Пред четири години застанаа работите на патот и веќе и тие реновирани десетина километри се во лоша состојба. Мислам дека и во цела Македонија нема толку лош Регионален пат кој поврзува три општини каде што живеат повеќе од двеста илјади луѓе“, – изјави Никола Најдовски, градоначалник на Демир Хисар.

                                                                                                     Каролина Дурло
КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста