Реформи во судството и администрацијата се неопходни и без старт на преговорите со ЕУ

Реформите предвидени во поглавјата 23 и 24, мора да имаат приоритет, а евентуалното одолговлекување на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, не треба да бидат алиби за нивното неспроведување, смета Васко Наумовски, претседател на Институтот за општествени истражувања и поранешен вицепремиер за евроинтеграции. Реформите мора да се спроведат доколку сакаме модерно општество кое полесно ќе се прилагоди на европските стандарди. Според Наумовски нормално е воведувањето на дополнителни критериуми, како што е случајот со Македонија, да делува фрустрирачки и обесхрабрувачки.

„Секогаш кога имате еден процес на приближување, тоа во суштина значи приближување кон стандардите на ЕУ и нормално е да се појават одредени фрустрации кога во текот на процесот се менуваат условите. Слично како кога после почетокот на еден натпревар би се менувале правилата на игра. Ние сме сведоци дека во изминатиот период беше воведена и нова методологија на преговори, беа воведени таканаречени кластери коишто ги немаше за претходните држави членки и тоа може да делува малку демотивирачки“, изјави Васко Наумовски,Пртетседател на Институт за општествени истражувања-МК91.

На денешната трибина на која се дебатираше на тема „Отценување на поглавјата 23 и 24 – Напредок без почеток на преговорите со ЕУ? Официјалниот претставник на фондацијата Конрад – Аденауер рече дека Македонија има закони, но потребна е нивна имплементација.

„На Северна Македонија не и недостигат закони, туку нивбно имплементирање Сметам дека сите не се еднакви пред законите и луѓето може да им веруваат на законите ако знаат дека сите се еднакви пред тие закони“, рече Даниел Браун,официјален претставник на фондацијата Конрад-Аденауер.

Поглавјата 23 и 24 кои ги опфаќаат правосудството, борбата против корупцијата и темелните права на граѓаните, се првите поглавја кои се отвораат во преговорите со ЕУ. Согласно новата методологија ќе останат отворени до крајот на преговорите.

Александра Ристевска