Рефлексија на независноста

Рефлексија на независноста

Денот на независноста на Република Македонија 8 септември симболот на сувереноста
и самостојноста на Македонскиот народ силно го рефлектира споменот на жртвата
принесувана до моментот и, во името на слободата на Македонија. Денот на
патриотизам и национална гордост оваа година рефлектира и со голема надеж во
политичките промени и големи очекувања за националната кауза во престојниот период.
Празникот е логичка последица на жртвите од сите востанија и војни кои ги водел
Македонскиот народ и, на жртвите кои ги поднел кога го ширел народното
образование, кога се грижел за здравјето и благосостојбата, кога работел на своето
единство. А не беше ниту лесно ниту безопасно и тој ден во септември во 1991 година.
Сепак, принесувањето на жртвата достојна на цената на независност не само што не
заврши вечерта на 8 септември во 1991 година туку нејзиното целосно заокружување
и комплетна неприкосновеност се отплаќа веќе со децении.
Кога го сменивме привремено името, кога го менувавме знамето, кога бевме ограбени
од домашна инаку странски поддржана транзиција, кога воено бевме нападнати па
потпишавме договор, кога го сменивме државното име по втор пат заради соседите,
кога фрлаа боја врз споменикот на децата бегалци од Егејска Македонија, кога политички
затвореници се уште ги држат решетките од внатрешна страна на нашите затвори – тоа е
вкусот на независноста која само ја допираме, жедни за тој политички квалитет на
животот.
Имам впечаток дека од тој 8 септември наваму секој ден, секој час, се бориме за
независност. Се бориме да ја заокружиме самостојноста на Македонија од миг во миг и
додека даваме се’ од себе многу често се изненадуваме од политички притисоци,
воени закани и моќна дипломатија. И, од домашен фактор расположен за соработка.
Независност ли значи новинарство поддржано од надвор чија содржина преку грантови
е усогласена со допломатските притисоци. Имаше порано такви новинари и Југославија,
кои со домашни пари ги праќаа во Африка и Азија да креират формати со зависни
содржини.
Самостојност ли е ако во Македонија не живеат луѓе кои слободно може да се изјаснат
за етнички македонци додека некој се обидува да ги дефинира според потребите на
други држави, сојузи и унии?
Наводно, според одредени извори доколку не пишуваме и не говориме гласно и
независно на вакви теми, нашите можности за преживување како политички субјект и

како поединци имат поголеми шанси. Во спротивно ќе штетиме на политичките
интеграции. Според едноставна логика – ако ни опстане државата тогаш ќе опстане и
нацијата, етносот.
Ете таква е равенката на Македонската современа борба. Борци за политичкото
интегрирање се тие кои ги прифаќат сите понуди од надвор за да создадат разни
внатрешни искушенија. А, оние кои се борат да се задржи кредото на 8 септември 1991
година со ,,инсистирање на ваква политика потенцијално го загрозуват’’ независниот
статус.
Со вакво разбирање на слободите, вечерта на прославата на референдумот во 1991
година и, во првите години од демократијата можеше да се биде смешен во друштво,
можеше да се падне на испит на Правен факултет, евентуално да се заработи и
прогонство.
Возможно е постојните постари печатени книги и учебници покрај исцрпноста со
податоци и дефиниции да не ја објаснат состојбата. Па затоа се обраќам до Вештачката
интелигенција. Чат џи-пи-ти вели дека независноста денеска е меѓународен политички
концепт кој е повеќестран и има многу свои аспекти. Независноста денеска не е
апсолутна, туку повеќе релативна и динамична категорија, повлијаена од меѓузависни и
променливи структури. Настанува промена во дистрибуцијата на политичка, економска и
воена моќ помеѓу разните региони. Државите ова вообичаено го надминуват со
стратегиски здружувања и приближувања, така што ги усогласуват националните
интереси со глобалната потреба.
После три и половина децении согледуваме дека овој притисок е горка реалност во
светот. Редистрибуција и процеси кои дејствуват насекаде во светот, започнати се од
дамна, а во времето на одржувањето на нашиот Референдум земат здив за голем залет.
Меѓународна политика во чија сенка Република Македонија се појави и се бори да
опстане како рамноправна. Нашиот реален проблем е што сме релативно нов учесник
среде овие процеси и што економијата не ни е особено силна страна.
Конечно, новата дефиниција за стекнување на независност е: да се прифати постојаниот
предизвик да се бориш за независност. Независен си додека пружиш отпор, додека ја
подигаш главата исправено и гордо, додека се бориш за независност.
Независноста е нешто за што треба да се бориме секој ден и секој миг, нешто над што
треба да бдееме постојано и неуморно. Да се бориме за својата лична самостојност и
обединети да се бориме за независноста и самостојноста на нашата Македонија.
Додека се бориме – ќе постоиме !

Петар Трајков

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста