Референдум по секоја цена – Граѓанската иницијативa не попушта во притисокот против реформите во образованието

Родителите кои се против дигитализација на учебниците очекуваат до четврток Парламентот да им одговори дали ќе ја прифати идејата за распишување Референдум. Од Иницијативата „Настава и учебници мора да има“, побарале и средба со шефот на државата и премиерот откако министерката Царовска не ги удостои да седнат на иста маса. Очекуваат повратен одговор од двата кабинета, со Пендаровски и Заев да разговараат за реформите во образованието.

Доколку не добиеме одговор до четврток, ние сепак ќе сметаме дека иницијативата е прифатена и ќе почнеме со собирање на тие 10 000 потписи, но има и друга опција. Ние имаме член во Законот кој што вели дека можеме да се повикаме на сите пратеници и да започнеме дебата со која тие ќе дадат дозвола да се покрене иницијатива за распишување референдум – вели Драгана Спасевска.

Дали ќе го прифатат предлогот на родителите за покренување граѓанска иницијатива за распишување референдум на државно ниво, од Законодавниот дом не добивме одговор.

По неуспешните обиди да најдат заедничко разбирање и заеднички јазик со МОН, од Иницијативата велат дека остануваат доследни на нивната мисија и цел за стопирање на Законот за учебници. Доколку Собранието сепак не распише референдум, ќе продолжат со масовни протести низ цела Македониа, се додека надлежните не го слушнат гласот на родителите, и учениците-кои се најважната алка во образовниот систем.  

Претходно родителите на протест јасно ги искажаа нивните барања. Покрај стопирање на дигитализацијата во образованието, родителите на протестот бараа да се стопираат и реформите за воведување сеопфатно сексуално образование, а носеа и транспаренти „Стоп за родова сензитивност“ и „Стоп за укинување на историјата како предмет“.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста