Речиси сите клучни ресори во рацете на ДУИ- Заев му го даде и МЕПСО на Ахмети

Сите важни институции во рацете на ДУИ. Покрај клучните министерства за надворешни работи и финансии, партијата на Ахмети добива и атрактивни директорски позиции во новата Влада. Кадри од Мала Речица ќе раководат со финансиски моќните институции како МЕПСО, АЕК, Фондот за здравство, Државни патишта, но и со безбедносните институции.

Неофицијално веќе се познати и имињата.  Со МЕПСО ќе раководи Мукадес Хајдари, во АЕК директор ќе биде, Аријанит Џафери, шеф во Фонд за здравство ќе биде Фатон Ахмети, во Државни патишта Ејуп Рустеми. Директорската позиција во Бирото за јавна безбедност ќе ја преземе Шефик Бајрами, додека Финансовата полиција ќе биде во рацете на досегашната заменичка во финансии, Ширет Елези.

ДУИ го добива и атрактивниот трудов инспекторат, таму шеф ќе биде Хади Фетиши, Агенцијата за лекови оди во рацете на Лирим Шабани, Државен Катастар кај Башким Ахмети. Директори за Интегративците ќе има и во Директоратот за заштита и спасуваме, каде ќе раководи Арсим Нуредини, во Бирото за метрологија ќе шефува Фестим Халили, со Центарот за управување до кризи Бајрам Насуфи и со Железници Фатон Положани. Дека во рацете на ДУИ завршуваат силните директорски позиции потврди и првиот вицепремиер, Артан Груби.

-Тоа не е поделба, туку замена на ресорите. На пример АД Пошта со МЕПСО, или пак Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со ЈПДП. Значи се работи само за размена на директорски позиции, на директорски места, за да бидеме многу попрудуктивни, луѓето да дадат подобри резултати, на нивните нови работни места, изјави Груби.

Покрај овие директорски позиции, ДУИ добива и заменици министри и државни секретари во неколку атрактивни министерства.

– ДУИ ќе има заменици министри во внатрешни работи, во одбрана, ќе има во транспорт, ќе има во здравство и ќе има во правда. Значи ќе има пет заменици министри и ќе има исто така пет државни секретари, изјави Груби.

Станува се појасно дека Заев за задржување на премиерската позиција даде многу клучни институции. Ваквите потези се очекувани според познавачите. Универзитетскиот професор Владимир Божиновски за Алфа вели за да остане на власт Заев дал се што Ахмети побарал.  

-Буквално ДУИ можеше да побарува се што сака и да добие тоа што го бара, со цел СДСМ да остане на власт. На тој начин се добија двете клучни министерства, заедно со Министерството за внатрешни работи, би рекол трите најважни министерства во секоја држава и ДУИ сега ги контролира финансии и надворешни работи. Практично сега целата финансиска контрола во државата е во рацете на ДУИ, затоа што го имаат и Министерството за финансии и Министерството за економија, изјави Божиновски за Алфа.

Инаку, се поставува прашањето дали кадровските решенија може да донесат немир во и така тенкото парламентарно мнозинство. Со оглед на тоа ДУИ ја добива Финансовата полиција, која беше голема желба на ДПА на Мендух Тачи.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста