Речиси 11 милиони евра ја премислија Русковска- Мијалков излегува од Шутка на слобода?!

Сашо Мијалков понуди речиси 11 милиони евра, Вилма Русковска даде зелено светло тој да излезе од Шутка. Поранешниот директор на УБК е на излезна врата од истражниот затвор во Скопје, откако Обвинителството дало позитивно мислење тој да се брани од слобода, бидејќи сметаат дека понудената сума е доволна гаранција тој да не избега.

-Обвинителството, ценејќи ги околностите и имајќи ги предвид наводите во предлогот и дополненијата за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција, ценеше дека висината на понудената гаранција во доставените предлози, во вкупен износ од 10 871 170 евра е прифатлива за Обвинителството за обезбедување на присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата, велат од Обвинителството.

Инаку, ова претставува промена на ставот на Обвинителство од оној кој го имаа во текот на минативе три месеци. Во три наврати беше побаран затворски притвор, два пати беше прифатен после пресудите за „Таргет Тврдина“ и „Трезор“. А како причина беше наведувана финансиската моќ на Мијалков.

-Обвинетиот Сашо Мијалков е лице кое што е добро ситуиран, и тој и членовите на неговото семејство. Поседуваат приватни бизниси, што создава финансиска можност за организирање логистика и комотно живеење во бегство, образложуваше обвинителот Трајче Пеливанов, барајќи притвор за Мијалков по пресудата за „Трезор“.

Прв пат кога Обвинителство побара притвор за Мијалков, тој два дена не беше достапен за органите, постоеја сомнежи дека е во бегство. Но со задоцнување од 40-тина часам се појави пред Обвинителството Русковска, повторувајќи дека никогаш нема да избега, а причината што не бил достапен е стравот дека имал ковид 19, поради што се самоизолирал, а веста дека органите го бараат ја слушнал после два дена.

-Бев изолиран зошто имав симптоми на корона и со 40 температура, главоболки и од причина што сакав да се изолирам од семејството, вчерашниот ден го поминав во изолација би сакал да ја искористам оваа прилика да се извинам на целата македонска јавност, заради непријатноста што се случи во државава, од тоа што минатиот ден го поминав во изолација. И уште еднаш да го повторам она, јавно да го повторам оној мој збор дека јас никогаш нема да побегнам, изјави Сашо Мијалков на 23-ти февруари годинава.

Поранешниот прв човек на УБК засега има две неправосилни пресуди, каде доби вкупно 20 години затвор. Во завршна фаза е и случајот „Тортура“, каде Мијалков е првообвинет, а мината недела беше прифатен и обвинителниот акт за „Плацевите на Водно“. Тој е дел и од истрагата за случајот „Империја“.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста