Ребалансот на буџетот тежок 4,3 милијарди евра влезе во Собранието

На власта и треба повеќе пари за да ги закрпи дупките во државната каса, а опозицијата го напаѓа со амандмани. Првото прекројување на државната каса за годинава се најде пред пратениците во матичната комисија за финансирање и буџет. Вкупно 222 амаднамни се поденесени од пратеничките групи ВМРО-ДПМНЕ, но и од коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива. Рекордно најголемиот скроен буџет тежок 4,3 милијарди евра за заменик министерот за финансии ќе се обезбедел раст, но и повеќе пари за излез од кризата.

  • Во предложениот ребаланс на буџетот за 2021 година клучни приоритети остануваат здравјето на граѓаните, здрава економија и здрави финансии и општество воопшто. Ребалансот е одраз на економските состојби, грижа во поглед на користење на јавните средства и нивно насочување кон реализација кон посочените таргети како и поставеност во справување со пандемијата, вели Димитар Ковачевски, заменик-министерот за финансии.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ребалансот на буџетот е кулминација на неодговорното економско работење на владата на СДСМ, која исторски најмногу ги задолжи граѓаните во време на најголемата криза, без инвестиции и нови проекти.

  • Јавниот долг во Македонија веќе го достигна највисокото ниво во нашата историја. Сите ние должиме над 7 милијарди евра, што претставува 63% од Бруто домашниот производ. Никогаш не сме биле позадолжени. СДСМ кога ја презема власта јавниот долг изнесуваше 4,7 милијарди евра и беше на ниво од 46%. За само 4 години владеење јавниот долг е зголемен за нови 2,4 милијарди евра. Ширењето на невистини дека каматната стапка денес е пониска отколку пред 5, 10 години со сигурност нема да ни го намалат долгот. Средствата од Буџетот потребно е да се трошат наменски, но секако и да се инвестираат во продуктивни проекти, кои во иднина ќе создаваат дополнителна вредност, рече Тимчо Муцуннски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Од албанските опозициски партии велат дека нема да го поддржат ребалансот на буџетот, зашто со него не се планирале инвестиции и развој на економијата, туку се вршел класичен предизборен поткуп.

  • Приоритет над приоритетите се локалните избори кои доаѓаат во октомври и Владата ќе направи се со распределба на јавните пари со единствена цел да придобие некој глас за владејачкото мнозинство кое виде јасно дека не работи добро и затоа ја употребува политичката димензија на буџетот користејќи ги јавните пари, рече Елми Азири, пратеник од Алијанса на Албанците.

Со ребалансот на буџетот се планира државата да потроши дополнителни 300 милиони евра од првично планираниот буџет, со што расходната страна ќе изнесува 4,3 милијарди евра. Во буџетската каса се планира да се соберат 3,6 милијарди евра. Буџетскиот дефицит ќе се продлабочи за дополнителни 180 милиони евра и до крајот на годинава се планира да досигне 6,5% од БДП. Амандманската расправа треба да трае 10 работни дена.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста