Ребаланс на буџет: се кратат капиталните инвестиции за да зголемат платите во администрацијата

Нема да се остварат клучни проекти, за да има раст на платите во администрацијата. Огромно кратење на капиталните инвестиции за 50 милиони евра донесе ребалансот на буџетот. По катастрофалната реализација на капиталните проекти од само 24.5% во првите 7 месеци, сега со прекројувањето на државната каса, тие се кратат од 420 на 370 милиони евра. Помалку пари ќе има за железницата, патниот Коридор 10, руралниот развој, водоснабдувањето, за изградба на основни училишта, за универзитетот „Мајка Тереза“.

Премиерот тврди дека буџетот ќе остане развоен и покрај тоа што пак се предвидени повеќе пари или 13 милиони евра за државниот фонд за пензиско осигурување и за зголемување на платите за 5% во јавниот сектор. Со 6.5 милиони евра ќе се субвенционираат и сите фирми што ќе ги покачат платите до 100 евра. Компаниите ќе плаќаат само персоналец, а Владата ќе ги подмири придонесите. Експертите тврдат дека на овој начин им се помага на оние што работеле нелегално, за власта просечната плата ќе расте, а младите ќе останат во земјава.

Во ребалансот на буџетот се предвидени и средства, кои треба да му се платат на „Макпетрол“ за државата да стане целосен сопственик на „Гама“ и на гасоводниот систем низ цела територија. 3 милиони евра ќе има за колекторскиот систем на Охридското Езеро, а 3,2 милиони плус за активните мерки за вработување. Буџетот е минимално намален и кај приходната и кај расходната страна. Приходите се 3,4, а расходите 3,7 милијарди евра. Дефицитот останува ист 2.5% од БДП.

Тања Попова