„Реал политика“
Последниве денови многу често се употребуваше терминот реал политика. Најпрвин, поврзано
со изборот на новата Влада што секако е очекувана и оправдана употреба во расправа. Потоа
реал политиката се прелеа во коментари на социјалните мрежи и како мисли на прочуени
имиња од нашата колоритна политичка сцена.
Се сеќаваме каков беше ставот во одредени елитни кругови пред изборите. Ќе победи
опозицијата, ама нема да успее да направи Влада затоа што ,,странците’’ нема да дозволат. А,
вечерта откако легитимно се избра пристоен и етнички релаксиран состав на Влада, се
промовира нова мистификација во манирот ,,немате осет за реал политика’’.
Целта е да се подметне сомнеж на сите активности на новите сили, сите идни постигнувања за
кои граѓаните се определени, под претпоставка дека наводно се пропуштаат одредени
премиси на меѓународната заедница. Иако, уште не сме имале можност ниту да се запознаеме
доволно со новата политика, која откако ќе испорача продукти и вредности да се подложи на
проценка за ,, правоверност’’.
Се отиде и до таму што елитата која тотално ја разгради Македонија сега изразува сомнеж во
оние од кои очекуваме помош, оние кои се спремни да ни подадат рака. Како ќе се реализира
економскиот раст и развој, дали тој ќе бил во согласност со меѓународната политика,
понатаму со кој дел од меѓународната политика ќе бидеме усогласени и слично.
Од порано имам недоверба во нашите авторитарни интелектуалци од генерацијата на бумерси
од педесетите и шеесетите. Премногу долго живееле во систем па сега веруват дека тој не
пропадна и има назив Европска Унија.
Практична расправа за реал политика во овие жешки денови бара ,,ладна глава’’ особено ако се
има предвид колку последниве денови се згуснува светската политичка сцена. Таа преферира
прагматичност наместо идеали, се базира на актуелни околности и бара смиреност.
Во летниот период мислата може да ја мотивира дизајнот на маичките што ги носат младите
од Зет (1994-2009) генерацијата. Мотивот кај младите да ги купат или изработат апликациите
зборува за одлично следење на состојбите во светот од вистинската популација.
Младите носат маички со измачениот лик на Џулијан Асанж авторот на Викиликс. Бараа негова
слобода. Пред суд на Северните Маријански острови Асанж беше ослободен и испратен да
живее во Австралија. Во неподносливи услови помина долго време и беше на работ. На малиот
остров тој призна дека неговите објави се воен шпионски чин, согласно законот на САД од 1917
година. Ова може да се толкува како чин на немоќ. Затоа што државите своите воени потфати
ќе ги запазат од ,,чудни објави”. Дали ова е закана за слободата на говорот? Можеби и тоа ќе го
видиме од апликацииите на летните маички во времето што доаѓа.
Младите имат обичај поврзано со бокс расправата помеѓу Конор Мекгрегор и Нурмагомедов од
Русија да облечат маички со нивниот лик. Последните денови во Русија во Дагестан беше
извршен напад на цркви и синагоги. За еден од учесниците се шпекулира дека бил роднина или
ученик на Нурмагомедов. Свештеник е убиен заедно со неколку верници и полицајци. Според
одредени извори овие напади се на исламската држава и целта е покренување верски судири.
Оние што веќе го посетиле брегот на Егејското море или отишле јужно во соседна Грција имале
можност да видат маичка со апликација од името на младиот Панајоту. Блогер со помалку
комични објави со неколку милиони прегледи (го прегрна Илон Маск) ама во јуни на ЕУ избори
успеа да стане пратеник во ЕУ Парламентот. Значи ете до каде е стигната светската политика.
Млади без политичка партија, без официјална политичка идеологија ќе решават во ЕУ. Можеби
тој тренд ќе земе замав, а можеби не.
Сериозни омеѓувања се случија на истокот во последните денови преку новите активности на
САД со Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Филипините, а од друга страна посетата на
Претседателот на Русија на Северна Кореа, Виетнам и Конго. Шестмина лидери во Европа се
сретнаа за да ги договорат носителите на функции во ЕУ за наредните пет години. На први јули
Претседателството со Советот на Европската Унија за наредните шест месеци го презема Унгарија
чиј Премиер Виктор Орбан оцени дека изборот на одредени европски функционери кои
немат поддршка во блиската средина е семе на поделбите во Европа.
Осетот за македонската вистинска политика е широка претстава за целата состојба, за она што
поминало и што се очекува, внатрешни и надворешни услови, а не единствено надворешен
диктат. Да работиме и да не губиме енергија во расправа со домашната нелегитимна и
беспредметна елита. Создавањето на стратешка автономија на Македонија е начинот на кој ние
ќе бидеме реален творечки субјект, наместо само територија без ефективно самосознание. Тоа е
наш интерес и истовремено интерес на нашите партнери.
Петар Трајков