Реакција на таткото на детето за кое се води старателска битка во Прилеп

Таткото на детето за кое се води старателска битка, реагира со детали за случајот што го објави Алфа. Станува збор за детето чија мајка беше убиена, по што детето беше предадено на неговите баб и дедо – родителите на мајката. Алфа го објави и ставот на таткото, кој сега бара во целост и детално да и ги презентира на јавноста. Во продолжение е интегралното писмо од таткото, преку неговиот адвокат:

Почитувани,
На ден 03.09.2019 година на вестите емитувани во 22,00 часот од Трговско радиодифузно друштво АЛФА ТВ ДООЕЛ Скопје била објавена информација, меѓу другото и со вклучување во живо на новинарот Каролина Дурло и вујкото на малолетното дете Владимир од Прилеп, во врска со старателството на истото, а син на барателот за исправка и одговор на објавена информација Салвчо Гелевски од Прилеп.
Поради тие причини Славчо Гелевски од Прилеп како родител на малолетното дете Владимир преку својот полномошник Петар Караѓулески адвокат од Прилеп, согласно со одредбите од чл.17, 18, 19, 26 и 27 од Законот за медиуми (Сл.В. на Р.М. бр.184/13 и 13/14), го поднесува ова барање за исправка и одговор на горе наведената информација бидејќи се наведуваат неточни факти објавени во информацијата, а со кои биле повредени правата и интересите на Славчо Гелевски и неговиот син Владимир и двајцата од Прилеп, односно истите имаат поврзаност со наведените факти објавени во информацијата и имаат легитимен интерес, а поради следните причини:
I. Во објавената информација погрешни се тврдењата изнесени од страна на вујкото на детето дека малолетното дете Владимир требало да биде ставено под старателство и за негови старатели да биле назначени неговите баба и дедо по мајка.
Во ситуација кога еден од родителите е починат родителското право го врши живиот родител, доколку со одлука на надлежен орган родителското право не му е одземено.
На тоа упатува и член 45 став 2 од Законот за семејството каде е наведено: „Ако еден од родителите е умрен или не е познат или му е одземено родителското право или ако од други причини е спречен да го врши родителското право, родителското право го врши другиот родител“. Исто така во член 124 став 1 од истиот закон е наведено: „Со старателството Републиката им дава посебна заштита на малолетните деца кои се без родителска грижа и на полнолетни лица на кои им е одземена или ограничена деловната способност“.
Во конкретниот случај родителското право на Славчо Гелевски према неговото малолетно дете Владимир не е одземено, па во никој случај не може да стане збор за ставање под старателство на детето ниту пак треба да се доставуваат некакви решенија до бабата и дедото или пак да се укинуваат судски одлуки.
II. Не се точни наводите дека таткото Славчо Гелевски го немал видено неговото малолетно дете Владимир повеќе од две години и дека не се грижел за него. Имено бидејќи односите помеѓу покојната мајка и таткото Славчо беа во голема мера нарушени таткото детето го гледаше во училишната зграда каде што малолетното дете учеше, а веданш по завршувањето на часовите. Исто така не се точни наводите дека таткото не се грижел за своето малолетно дете бидејќи истиот редовно ја уплатувал паричната месечна издршка за детето.
III. Наводите во врска со тоа дека според „мислењето на психолози, педијатри и медицински лица детето требало да остане во средината каде што било“ се апсолутно невистинити и ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи Прилеп во никој случај не можел и не смеел да ги цени како релевантни. Тоа од причини што ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи Прилеп како институција која презема потребни мерки за остварување на целите на старателството и надзор над вршењето на родителското право во своите редови има стручни лица односно стручен тим од педагози, психолози, правници и тн. кои секојдневно работат на вакви или слични случаи во кои се вклучени малолетни деца. Доколку ЈУ МЦСР Прилеп отценел дека има потреба од вклучување на надворешни здравствени, образовно-воспитни и други иснтитуции сигурно истото ќе било направено.
IV. Не се точни наводите дека малолетното дете Владимир не сакал да го види својот татко „се додека не одлучиле психолози, психијатри дека детето можело да остварува контакти со таткото“. Напротив стручниот тим на педагози и психијатри на ЈУ МЦСР Прилеп со тоа што повеќе пати ги повикал бабата и дедото на малолетното дете да го предадат на неговиот татко, кој на тоа има законско право согласно Законото за семејството чии одредби се од императивен карактер, одлучил дека малолетното дете треба да биде кај неговиот татко.
V. Во однос на застапувањето на малолетното дете Владимир и грижата за неговите права и интереси меѓу кои и оние пред образовно-воспитните институции потенцираме дека тоа е изречно право на родителот односно во овој момент неговиот татко. До денес ниту бабата и дедото ниту вујкото на малолетното дете го немаат побарано таткото на детето во врска со неговото застапување пред образовно-воспитните институции иако цело време укажуваат како тие се грижеле за истото, а од друга страна постапуваат крајно неодговорно и се обидуваат да ги изиграат институциите и да го прикажат таткото во негативно светло. Сметаме сето тоа со цел да добијат старателство над детото најверојатно од лукративни причини. Бабата, дедото и вујкото на малолетното дете многу добро знаат какви биле и се нивните меѓусебни односи со таткото на детето односно поради кои причини се нарушени и доколку имаа барем малку грижа на совест за иднината на детето, после се она низ што помина истото, ќе пронајдеа начин да постигнат некаков компромис со таткото на детето кој секогаш попуштал и се повлекувал во недоразбирањата со мајката и роднитите по мајка на детето, а во најголем интерес на детето.
Исправката и одговорот на горе наведената објавена информација бараме да ги објавите согласно член 18 и 27 од Законот за медиуми (Сл.В. на Р.М. бр.184/13 и 13/14).

На линкот подолу погледнете ја сторијата на Алфа во врска со оваа приказна:

Нетрпеливоста помеѓу возрасните ја продолжува агонијата на десетгодишното истрауматизирано дете од Прилеп