Реакции за скандалот во Битoла: Уставен треба да го укине здружението „Ванчо Михајлов“, Обвинителството да отвори кривична постапка

Обвинителството по допрен глас мора да отвори кривична постапка против претставниците на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“, кои испратија порака дека Македонија била окупирана бугарска територија, создадена од Јосип Броз Тито. Професорката Тања Каракамишева за Алфа вели со своето дејствување тие директно го прекршуваат Уставот на Македонија, ширејќи омраза кон Македонците во државава.

-Доктрината на здружението директно предизвикува национална омраза, но и предизвикува национална нетрпеливост кон Македонците во Македонија. Така што надлежните институции мора целосно да го испитаат целиот процес на повторна регистрација, само со друго, меѓутоа суштината е таа. И секако да се поведе сметка за почитување на правните прописи во Република Македонија, како Уставот, така и кривичниот законик, но и законот за здруженија на граѓани, изјави Каракамишева за Алфа.

Каракамишева вели дека постојат повеќе причини за кривична одговорност за претставниците на „Ванчо Михајлов“.

-Конкретно дека е повреден член 319 од Кривичниот законик, во врска со предизвикување национална нетрпеливост во Македонија. Повреден и член 387 од кривичниот законик во врска со неизвршување на судска одлука, изјави Каракамишева.

Инаку во 2001 година Уставниот суд ја поништи одлуката за формирање на здружението Радко, кое е поврзано во Ванчо Михајлов. Каракамишева вели дека Уставниот суд сега повторно треба да постапи исто.

-Уставниот суд веднаш треба да поведе постапка за поништување на регистрацијата на здружението и за поништување на програмата и статутот на новоформираното здружение, доколку статутот и програмата ги содржат истите овие елементи кои ги споменав, во смисла на идеологијата на Иван Михајлов и неговата доктрина на негирање на Македонците во Македонија, изјави Каракамишева.

Инаку, она што загрижува во овој момент е што Владата не реагира на ваквите пораки кои доаѓаат од бугарска страна, реагираше само македонскиот претседател Стево Пендаровски. Тој порача дека човек кој бил докажан соработник на нацистичкиот режим на Адолф Хитлер, не може да биде мост меѓу двата народи.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста