Разрешена врховната судијка Лидија Неделкова

Не ја вршела совесно работата и доби разрешување. Судскиот совет едногласно ја тргна од врховни судии Лидија Неделкова. Не одела на работа оти паднала и се повредила, но не била достапна на телефон на кратко вака изгледа приказната на сега разрешената врховна судијка. Таа е и суспендирана од работа до правосилност на одлуката.

– Јас случајно вчера дознав дека денеска е закажана точка на дневен ред да се разгледува предлогот од Комисијата. Оној предлог, што го сменија. Предлогот беше за запирање на постапката. Сменија Комисија, не ме повикаа, што не е законски. Комисијата донела предлог за разрешување. Јас тоа го напишав и во кривичната пријава. Се уште не сум ја добила одлуката, а јавно се објави на 8 февруари дека е отфрлена. На тоа отфрлање по закон имам право во рок од 8 дена да поднесам жалба до вишиот јавен обвинител. Значи таа постапка не е правосилна, објасни Неделкова.

Неколку точки се наведени како причини. Прво, дека во периодот кога Врховен одлучувал за жалби 2018 во врска со референдумот, таа како член на еден од трите совети кои биле формирани за одлучување не била на работа.  Неделкова тврди дека излегла порано за да пречека сервисери за машината за перење и тогаш паднала и се здобила со фрактура на вилицата, а и се скршил и мобилниот телефон. Втората точка е дека судијката користела годишен одмор од 3 дена иако не добила писмена дозвола и третата е не сакала да прима предмети додека била во одделот за судење во разумен рок. Судијката, пак, тврди дека тоа не е точно и дека всушност станувало збор за стари предмети .За истата основа, потенцира Неделкова, била покрената постапка и за друга нејзина колешка и истата била запрена бидејќи нема основ. Сепак нејзините објаснувања не беа доволни за членовите на судскиот совет да не ја разрешат.

– Констатиравме дека она што е утврдено во Извештајот на Комисијата составена од тројца членови на Судски совет е основано. Основано е дека тоа се факти кои се утврдени врз основа на изведени докази и тоа на секој доказ поединечно, на сите докази заедно, како и врз основа на резултатите од целокупната постапка, изјави Здравев.

Предлогот за разрешување и времено отстранување го даде тричлена комисија составена од членови на советот. Предлогот го поддржале сите 13 членови на советот.

Но, на седницата еден член на Судскиот совет, кој бил дел и од комисијата, Нијазим Мустафа истакна дека има издвоено мислење. Вели Неделкова не направила штета на угледот на судот.

На седницата Неделкова побара збор за подетално да ја образложи нејзината одбраната, но не и дозволија.

Неделкова за нејзиното разрешување најави жалба и очекува позитивен исход од истата.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста