Разногласие во јавноста, што со уредбите со законска сила донесени во вонредна, сега важат или не?

Вонредната состојба заврши, но што се случува со уредбите со законска сила кои ги донесе Владата во оние 88 дена кога траеше истата?

Разногласие во јавноста, министерството за правда тврди дека тие продолжуваат да важат, додека пак дел од правните експерти –  дека истите се наважечки оти кога нема вонредна важат правилата и законите кои се редовни.

Од министерството за правда за Алфа велат правното дејство може да се протега и на период по вонредната состојба.

Одлучувајќи да ја отфрли иницијативата за Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, Уставниот суд оправдано прифати дека не е неуставно уредбите со законска сила да може да регулираат и дејствија кои би се презеле во рокови и по завршувањето на вонредната состојба, односно да регулираат мерки кои ќе имаат правно дејство и по завршување на вонредната состојба.

Професорката по право Тања Каракамишева вели дека согласно чл. 126, став 2 од Уставот овластувањето на владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Со престанокот на вонредната состојба престанува и овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила.

Со ставот дека прекинуваат да важат законските уредби донесени во време на вонредна, се согласува и професорката Силјановска, но и професорот Саво Климовски.

Точно е толкувањето на правниците на уставниот суд дека уредбите со законска сила престануваат со денот на донесувањето на одлуката на претседателот на републиката за престанување на вонредната состојба, со исклучок на мал број на одредби кои имаат заради својот карактер продолжено дејство, но тоа се многу мал број на одредби, но владата има јасна правна рамка во законот за регулирање на кризи да регулира дел од материјата поврзана со состојбите настанати од корона вирусот, вели за Алфа, Саво Климовски – професор по уставно право.

Според дел од правниците, во правото, со губењето на овластувањето на органот што ги донел уредбите се губи и нивниот ефект, односно правните последици што истите ги произведуваат.

И Уставниот суд е на оваа линија. Со решение на Уставниот суд У. БР.45/2020 од 28.04.2020 Судот утврдил дека Уредбите со законска сила на владата траат само до завршување на вонредната состојба.

На оваа линија е и Венецијанската комисија која исто така е на мислење дека важењето на актите донесени во вонредна состојба престанува со завршувањето на истата.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста