Различни концепти во Скопје и Софија: Македонија молчи за спорот, Бугарија јасно си кажува што бара

Никој не знае што Македонија преговара со Бугарија, што се става на маса, кои се македонските позиции. За овие прашања нашите власти не откриваат ништо. Министерот за надворешни работи Бујар Османи повторно со тезата дека португалскиот предлог, кој веќе е одбиен од Бугарија бил основа за договор.

-Португалски предлог кој што е се уште основа за постигнување на договор, кој што е претставен во различни форми, нон пејпери и текстови и разменети идеи во овој период. Меѓутоа сметам дека тој предлог останува во сржта на наоѓање на решение кое што е прифатливо за двете страни. Мислам дека коментарот вчера на бугарското МНР се однесуваше на т.н. пакет  5+1 кој што уште во Рига минатата година беа предадени, изјави Османи.

Власта во своите излагања, секојдневно бара конструктивност од опозицијата, на која за возврат не и открива ништо. Па се поставува прашањето за што се бара таа конструктивност. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вели дека воопшто не знае за што се преговара со Бугарија, но потенцира дека според она што може да го дознае од медиумите, срамна е политиката на Македонија во однос на овој спор.

-Се срамам што граѓаните плаќаат практично пари на ваков тип на политичари да земаат плати, да уживаат во привилегии на грбот на народот, кој едвај крај со крај во овие кризни времиња. Навистина е недолично за еден министер за надворешни работи, три месеци откако тој предлог, како што кажуваат од Бугарија барем така тие кажуваат, не знам ни тоа дали е вистина, да прифаќа нешто што тие пред три месеци веќе го одбиле, изјави Мицкоски.

Ситуацијата во Бугарија е сосем спротивна, во однос на спорот со Македонија таму имаат едногласен став во Парламентот, а оваа тема е и причина за редовни средби на претседателот Румен Радев со Советот за безбедност. Бугарија цело време јасно порачува дека нивно барање е Бугарите да влезат во Уставот на Македонија да влезат како државотворен народ, а за возврат не го признаваат македонското малцинство во нивната земја. Став кој уште еднаш го повтори и заменичката на Радев, Илиана Јотова.

-Кои се тие Македонци во Бугарија, дајте ми пример. Јас многу одамна се занимавам со таа тема, веќе 10 години во Европскиот парламент и никој досега од Ваша страна не побарал такво нешто, а јас познавам многу колеги од вашата страна, изјави Јотова.

Бугарија не отстапува од ваквите свои барања, иако бројот на запишани Бугари во Македонија, според последниот попис е само 3.000.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста