Расте револтот кај тутунарите, протестите, од денеска продолжуваат

     Кулминираат незадоволството и револтот кај македонските тутунопроизводители. Онеправдани и изиграни од откупувачите, тие, од денеска повторно ги активираа протестите, кои во изминативе неколку дена беа ставени во мирување. За да се поколебаат, не помогна ни вчерашаната средба со министерот Хоџа, па сплотени, како никогаш досега, пелагониските тутунари, утринава, два часа го блокираа патниот правец Прилеп-Градско, од каде ги повторија своите барања: реална проценка на родот, запирање на кинењето на класите и укинување на погубната „четврта“ класа.

  „ Да отстапат тутуно-откупувачите од четвртата класа и сите, сложен сум дека ќе се сложат со тоа дека просекот ќе дојде од 190, минимум 180 денари, велам…По единка да се постигне минимум цена од 180 до 200 денари…“, – изјави Флоре Груевски, тутунопроизводител од Могила.

   „Луѓе, ова ќе излезе од контрола. Веднаш, под итно, да дадат гаранции за тоа што го бараме, да гарантираат откупувачите кон државата, оти ова ќе се претвори во анархија..Итно да си најде државата механизам и да го спречи овој грабеж што се случува врз тутунопроизводителите…Во овој момент тие одолговлекуваат, но свесни сме, ние им ја сфативме играта и нема да отстапиме…“, – вели Игор Миречески од ИО на незадоволните тутунари.

„Нам ни е сосема сеедно дали ќе умреме од настинка, Корона, или грип, или глад. Значи, ако е потребно до идната Нова година ќе блокираме, ќе ја блокираме ако е потребно и целата држава…Цела година работи за 20-30 минути некој на кантар, по наредба треба да не изгори, да ни ја одере кожинката и да си одиме дома со по 100 денари за кило тутун…“, посочува Васко Јосифовски од с. Трновци, о. Могила

На денешниот протест, тутунарите покажаа голем револот и кон претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија, Менде Стомнароски, од кого побараа дури и оставка, бидејќи и покрај тоа што во претходниов период, тој, наводно ги поддржуваше тутунарите, сепак, денеска не се појави на протестот.

Господинот Менде ќе го посочам, како бранител наш законски,за кого ние одвојуваме 0,35 посто од сумата на пари што нас ни се одбиваат во откупните белешки, каде пишува Здружение за тутунопроизводтели. Математички пресметано тоа се 20 до 25 милиони денари“, – реагира Флоре Груевски.

Инаку, напоредно со протестите, денеска продожи и откупот на тутунот, со цел да се види дали сепак откупувачите ќе отстапат пред барањата на тутунарите. Протестите продолжуваат и утре.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста