Расте револтот кај родителите чии дечиња наместо во клупа, останаа на улица

Расте револтот кај родителите чии дечиња наместо во училишните клупи, останаа во школскиот двор. Дел од нив и денеска во обид да ги запишат своите деца на училиште, но без успешно. Едно од училиштата што се дрзна да не запише првачиња, и основното „Димитар Поп Георгиев-Беровски“ во Ѓорче Петров.

Дел од родителите револтирани, велат дека во ниту еден Закон не пишува дека првачињата треба да останат не запишани. Зошто децата не ги примаат во училиште, надлежните се правдаат зашто не примиле вакцина против мали сипаници.

Жално е и трагично едни дечиња да се примат, а други не, тоа е дискриминација, реагираат родителите. Тие пред камерата на Алфа се пожалија дека иако добиле ветување дека дечињата ќе бидат примени, тоа до сега не се случило.

Алфа и денеска беше во основното „Димитар Поп Георгиев-Беровски“ во Ѓорче Петров, но сликата ништо поразлична од вчерашната, некултурно ни кажаа да си одиме.

Директорката ниту денеска не беше расположена за коментар, и не знаеше да каже што натаму ќе се случува со незапишаните дечиња.

Ниту еден од родителите ни денеска не успеаја да се сретнат со директорката. Писменото барање го доставија само до архивата на училиштето.

И додека родителите мака мачат со уписот на своите деца, министерот за образование и денеска повтори дека ја следат состојбата со Министерството за здравство. Рече дека ќе има теренска вакцинација за заштита од мали сипаници.

По ширењето на заразата минатата учебна година, за која во април беше прогласена и епидемија низ цела држава, беше донесена одлука во градинките и училиштата да се примаат и запишуваат деца само со приложување вакцинален картон.

Борис Грујоски