Расте револтот кај македонските матуранти, тие немаат намера да се откажат од бојкотот на он-лајн наставата

        Колку повеќе надлежните ги зголемуваат заканите и притисоците за да се откажат од бојкотот на наставата, барем двојно поголема е решеноста кај македонските матуранти – да го продолжат бунтот против актуелните одлуки на МО, најмногу околу полагањето на престојната државна матура. Признаваат дека се уплашени од заканите на професорите и директорите, но нивната убеденост дека одлуките на Министерството, воопшто не се поволни за нив, велат дека го победувала нивниот страв.

  „Во овој момент, од страна на МОН и останатите функционери или институции во градовите низ Македонија, како што има информации Сојузот на средношколци, се врши притисок врз учениците да се вратат на настава, со изговарање на речениците: ќе ве запишуваме, ќе имате неоправдани, ќе мора да надоплонувате часови или пак, доколку сето ова не ви одговара, полагајте завршен испит во училиштето“, – ни изјави за Алфа, амбасадор на Сојузот на средношколци на РМ, Марио Велковски.

    Со бојкотирање на он-лајн наставата, веќе цела недела, поддршка на своите врсници од земјава им даваат и матурантите од петте прилепски средни училишта, чиј број изнесува околу 1.000 ученици. Над 70 проценти од нив, според Велковски, наставата секојдневно ја бојкотираат. Разочарани од досегашниот однос на министерката Царовска, тие ја демантираат и нејзината изјава дека помеѓу матурантите се вршело сајбер-булинг.

    „Ние како Сојуз ниту еднаш не извршивме некаков сјабер-булинг врз нашите соученици. Ние седнавме повеќепати на маса со министерката, но во ниту еден случај, нашиот договор не беше потпишан, а подоцна откако излезе министерката истиот не беше потврден, туку беше видоизменуван. Ние нема да се откажеме од нашите барања и се надеваме дека и нашите соученици нема да потклекнат пред притисоците кои што се од страната на нивните класни раководители, директорите и погорните органи“ – посочува матурантката Ангела Кочоска.

   Доколку и понатаму продолжи овој тренд на неуспешни преговори, македонските матуранти, освен со бојкотот на наставата, се закануваат и со порадикални мерки, а за притисоците кои сега ги трпат, велат дека помош ќе бараат и од Народниот правобранител и од Хелсиншкиот комитет. 

  Инаку, една од причините за сето ова е и неисполнетото ветување на министерката Царовска за скратување на фондот на часови за полагање на државна матура по сите предмети, но програмата била скратена само по четири предмети, објаснуваат двајцата прилепски матуранти.

   Нашите млади соговорници децидни се и во ставот дека со ваквиот облик на образовен процес во земјава и со целосна глувост на надлежните институции за нивните проблеми, тие својата иднина, и образовна и професионална, дефинитивно ја гледаат надвор од Македонија. Дури и се сомневаат дека со тековните реформи тоа и’ била и целта на државава.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста