Расте притисокот врз жителите на Ореовец, се бара итно отстранување на блокадите за „Бехтел и Енка“ да продолжи со ископ

Расте притисокот врз жителите на Ореовец, се бара итно отстранување на блокадите за „Бехтел и Енка“ да продолжи со ископ

      Последни очајнички потези на власта во заминување за загушување на двомесечниот бунт против ископите на „Бехтел и Енка“ кај прилепско Ореовец. Вака, со една реченица, организаторите на протестите го опишуваат она што им се случило рано утринава, откако на пунктот дошле полициски службеници кои им соопштиле дека блокадите мора веднаш да бидат отстранети и да се обезбеди непречен пристап и работа на работниците и машините од „Бехтел и Енка“.

  „Од Скопје добиле некој допис за да се растури протестот и да ги пуштиме слободно, а ако не, ќе имало обезбедување од полициски кордон за „Бехтел и Енка“ да работат слободно горе во планината. Ние многу пати укажавме дека горе во планината има вода, дека пробија неколку извори и дека не смеат да продолжат со работа затоа што ќе останеме без вода, и селата, и градот“ – рече Рубин Рујаноски, жител на с. Оревоец.

  Знаејќи со кого си имаат работа и свесни дека може да дојде до ескалација, овие луѓе уште во понеделникот поднесле барање до прилепскиот Суд да издаде мерка за времена забрана за извршување на градежни дејствија на фирмата „Бехтел и Енка“. По ова барање, Судот требало да се изјасни во рок од три дена, а кои истекуваат денеска, па дури потоа, велат нашите соговорници, во зависност од одлуката на Судот, евентуално некој можел да бара од нив да ги отстранат блокадите.

  „Ова е закана врз цел еден град, врз население од шеесет и кусур илјади жители. Кој така силно запнал, дури и без судска наредба, нас не ни е јасно. Без судски налог, некое повисоко рангирано униформирано лице од Скопје дало наредба на сила да се разбие штрајкот и да влезеле работниците?!“, – вели Ѓорѓи Ѓорѓиески, член на Комитетот за заштита на природното и културното наследство на Македонија.

 „Ние пуштивме екипа до ПС да направи еден Записник, затоа што без никаква правна одлука, и без никакво Решение од Судот, пуштаат полициски екипи тука за едноставно да вршат самоволие. Исто и градоначалникот е во ПС Прилеп за да му дадат образложение зошто да прекинат овие мирни протести“, – објаснува Рујаноски.

  Луѓето кои секојдневно протестираат веќе два месеци велат дека апсолутно немаат намера да ги тргнат блокадите и се закануваат со нивна радикализација.

  Инаку, на почетокот од месецов, Судот им наложи на ЈПДП и на „Бехтел и Енка“ во рок од 30 дена да му ја достават целата документација околу дозволите за минирањата и ископите во ореовечкиот атар. Истовремено, и Државниот јавен обвинител најави дека е можно Јавното обвинителството да излезе со одлука во врска со изборот на Надзорот над изградбата на автопатите, бидејќи биле евидентирани некои нелогичности во Договорот, особено во делот со лиценците на три фирми кои што се испитуваат. А како пример ја наведе фирмата „Електра Солушнс“ која обезбедила лиценца за надзор откако веќе била распишана јавната набавка.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus (0 )