Расте притисокот на Ковид- пациентите во прилепската Болница, отворен и четврт оддел на Гинекологија

   „Недостасуваат лекари, рентгенот работи само по еден час претпладне и по еден попладне, што е премалку за тој наплив на пациенти. Дојдовме во ситуација дури и за пари да не можеме да ја добиеме потребната здравствена грижа. Активираме врски, роднини, пријатели за да дојдеме до потребната терапија, а и неа ја земаме на вересија“.

   „Кога требаше мојот брат да го носиме во Скопје, ни рекоа без депозит од 12 000 евра да не тргнуваме. И другот ден, мојот брат, на 38 години си почина, оти во недела немаше дежурен доктор на Уво, нос и грло во прилепската Болница. По четири дена почина и татко ми….“

     Ова се само дел од болните и тажни реакции на социјалните мрежи на прилепчани кои посредно или непосредно, деновиве се соочуваат со хоророт предизвикан од Ковид 19. Не сакаа да зборуваат во камерата на Алфа, но видно вознемирени, телефонски ни го потврдија ужасот кој го преживеале или го преживуваат, пред се, како што велат, заради низата пропусти во здравствениот систем и целосната неорганизираност.

     Гордана Ристовска пак, е млада медицинска сестра, со искуство. Била ангажирана во „пет до дванаесет“. Крајно потресно е и нејзиното сведоштво за Алфа за тоа што се случувало во Болницата.

    „Влегуваш и буквално го погледнуваш чудовиштето, очи в очи сте. Грозоморно е, монструозно. Земена крв за крвна слика на пациенти, без име и презиме на пипети, ниту упат. Тие пацинети ќе дојдат другиот ден и ќе бараат резултат кој нема да го добијат. Едноставно, нема. Тестирани пациенти – нема резултат. Пациентите се гладни и жедни за кислород и вода, но нема кој да ги обскрби“, – пишува Ристовска.

   Директорот на Болницата пак, д-р Драган Богоески, кого телефонски го контактиравме утринава, јасно ни стави до знаење дека не бил задоволен од нашиот  начин на известување и дека доколку продолжиме така, во иднина нема повеќе да ни дава никакви информации. Сепак, тој ни потврди дека во моментов во прилепската Болница хоспитализирани биле околу 110 пациенти. Од вчера, пациенти се сместувале и на Гинекологија кој е и последниот слободен оддел кој е преадаптиран во Ковид-центар, покрај оние во Интерното, Очното и во Ушното одделение. Проблемот со кадарот останувал, но се снаоѓале некако.

    Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста