Расте поддршката за Ковачки, но недоволно за да се најде на списокот со предлози на Спасовски

Се интензивира поддршката за Драган Ковачки да застане на чело на МВР во техничката влада, но недоволно тој да се најдена списокот на предлози на Оливер Спасовски. По вчерашното соопштение на припадници на баталјонот за специјални намени “Волци” кои застанаа зад Ковачки оквалификувајќи го како професионалец денеска поддршка и од здружението за заштита на правата на вработените во МВР „Сигурност“.

“Како вработени во МВР, целосно посветени на службата кон државата, сметаме дека е време професионалец како Драган Ковачки да ја превземе службата и работата на МВР. После подолг период неопходна е професионализација на МВР, чии структури се политизирани подолг временски период и особено изобличени со непрофесионални и нестандардни систематизации. МВР има потреба од професионалци кои ќе го спроведуваат законот”, се вели во соопштението од здружението.

Сепак шансите Ковачки да биде дел идниот владин кабинет се мали. Од владеачката партија очекуваат друг предлог кој би дошол од ВМРО-ДПМНЕ.

Предлогот за полковникот Ковачки е спорен заради членот 97 од Уставот кој вели дека на оваа функција може да биде лице кое е цивил во изминатите три години. Засега нема информација од ВМРО-ДПМНЕ за ново име. Нема и најава за одложување ма изборите на 12 Април.