Расте ли самосвеста кај граѓаните за лично признавање на заразеноста со Коронавирус ?!

По рапидниот раст на бројот на заразени со Ковид 19, кој во Прилеп заклучно со вчера, достигна до 22 и во едно деноноќие беа детектирани дури 9 нови случаи, со што градот се искачи на неславното четврто место од скалата, растат и паниката и стравот меѓу прилепчани.

Ова, особено и по затворањето на двете фабрики, едната целосно, другата делумно, каде работно се ангажирани преку 1.200 луѓе, а има сомнежи дека и во друга фабрика има заразени работници. Стравот и паниката создадоа досега невидена стигматизација насочена кон заразените лица, особено на социјалните мрежи. Се бара поголема одговорност од градските власти, од епидимилозите, од заразените граѓани, од државата, па дури и целосно затворање на сите фабрики.

Сепак, и покрај стигматизацијта, има и такви кои храбро се одважија и самоиницијативно започнаа јавно да си го откриваат својот идентитет. Курирот во прилепското Јавно обвинителство, Рубин Лефтер е еден од неколкумината кој, веднаш по детектирањето на заразата, се обрати на својот фб-профил, информирајќи ја јавноста дека е позитивен, но и дека се сомнева оти се заразил на своето работно место, на кое бил од 11 до 17 март и дека заразата ја добил најверојатно од свој колега. Тој, од 18-ти март бил во самоизолација, а заразата му е потврдена дури вчера. Лефтер на својот фб-профил ги повикува сите колеги кои биле во контакт со него, доколку почувствуваат некакви симптоми веднаш да се обратат до Центарот за јавно здравје и да инсистираат на тестирање. Инаку, прилепското ОЈО беше спомнато уште при откривањето на првите два позитивни случаи кои се појавија во Прилеп. Стануваше збор за повозрасни родители на лице кое е вработено во ОЈО и кое претходно било на Копаоник, а кое пак, на тестовите излезе негативно, за разлика од неговата сопруга и дете.

Лефтер не е единствен ваков случај во Прилеп. На социјалните мрежи, и медицинската сестра од една приватна ординација, Христина Гулеска, напиша статус со слична содржина. Таа, како што пишува, иако е негативна, се наоѓа во самоизолација, бидејќи нејзиниот сопруг бил позитивен на Коронавирусот.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста