Расте кризата во Албанија – Македонија ќе извиси за ЕУ!?

Кризата во Албанија расте, а датумот за Македонија виси. Новите тензии кај западниот сосед дополнително ја комплицираат состојбата во која се наоѓа земјава, како потенцијален кандидат за отпочнување на преговори со Европската Унија. Пакетот Македонија – Албанија, за кој се залагаат големите западни сили, пред се Германија, станува голем кочничар за земјава која летово се надева на старт на преговорите со европското семејство.

Тензиите во Албанија растат откако шефот на државата, Илир Мета, викендов донесе одлука да ги откаже локалните избори во земјата, кои требаше да се одржат на 30-ти Јуни.

„По проценката на ситуацијата во која се наоѓа земјата и говорот на омраза кој го користат политичките актери, како претседател оценив дека постои опасност Албанија да трге во насока на непредвидлива ескалација на социјалните тензии, што може да има неконтролирани последици“, рече Мета.

Меѓу европските лидери е јасно дека Албанија има уште долг пат што треба да го изоди. Најголем скептицизам за проширувањето има во Бундестагот каде постои поделеност околу ова прашање. Според експертите постоело двојство и Социјал-демократите отворено се залагале Македонија да добие датум од Унијата, а ЦДУ на канцеларката Меркел инсистира на одложување за неколку месеци, со цел да се види дали состојбите во Албанија ќе се подобрат, особено поради инсистирањето на Германија двете земји да одат во ист пакет. Оттука Македонија сигурно ќе извиси на европскиот Самит во јуни.

Инаку, Албанија со недели се соочува со политичка криза, а опозицијата и поддржувачите преку насилни протести бараат оставка на Владата предводена од Еди Рама. Протестите особено добија на интензитет откако германски „Билд“ почна да објавува „бомби“, на кои се гледа како мафијаши заплашуваат и потплаќаат луѓе за да гласаат за Рама. Дополнително, кон крајот на неделата, новинарот кој ја почна сторијата нагласи дека тоа што досега е објавено е само мал дел од прислушуваните инкриминирачки материјали за албанската Влада.

Од друга страна, претседателството на владејачката Социјалистичка партија, чиј лидер е Рама, во четврток почнува постапка за разрешување на претседателот Мета.

Биљана Божиновска