Раст на БДП од 3.1% во втор квартал

Економијата пораснала за 3.1% во периодот од април до јуни – соопшти Државниот завод за статистика. Тоа е помалку од 4.1% во првиот квартал, но просекот во првата половина од годинава изнесува 3.6%, што е приближно на владината проекција за вкупниот раст годинава.

Се чини економијата најмногу се потпирала на трговијата на големо и мало, транспорт, складирање, сектор што бележи најголем раст од 7.5%.

Зголемување има и во земјоделството за скоро 4%, градежништвото за 2.8%, додека минимален раст има кај рударството, финансиите и осигурувањето. Пад има во преработувачката индустрија од 2.1% и во секторот информации и комуникации за скоро 5%.

И овојпат економијата најмногу се потпрела на бруто инвестициите и домашната потрошувачка. Домаќинствата потрошиле за 3.1% повеќе, а државата за 1.2% повеќе. Бруто инвестициите имале раст од 11.1%, извозот имал раст од 10.6%, но приближно за толку се зголемил и увозот на стоки од странство.