Распит на полициски функционери во ОЈО за акцијата „Планина“

Молк во Министерството за внатрешни работи дека високи полициски функционери завршиле во Обвинителството на распит за пробивањето на акцијата „Планина“. Алфа постави прашање до МВР, колку и кои вработени во министерството биле повикани во ОЈО на разговор и дали ќе бидат преземени мерки за нив, но засега без одговор. Алфа вчера дозна дека меѓу повиканите биле и полициски функционери во МВР, одделот за криминалистичка полиција и одделот за организиран криминал. Вработените во МВР пред Обвинителството  требаше да дадат одговори како  истекле информациите за акцијата и како биле предупредени наркобосовите. Од обвинителството, каде Алфа праша дали оваа информација е точна,  ниту демантираа,  ниту потврдија,  рекоа само дека такви податоци ОЈО не може да споделува со јавноста.

Во меѓувреме, шест меѓународни потерници осамнаа на веб-страницата на МВР  со кои се бараат осомничените во акцијата „Планина“ која се однесува на трговија со дрога. Петмина од нив се од Грчец, а еден од Гази Баба. Дека се бараат со потерница, известен е и Интерпол. По нив се трага поради сомневање дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции . Минатата недела обвинителката Рускоска објави дека акцијата била „пробиена“, поради што главните осомничени се бегство.

За опозицијата потерницата која што ја распиша МВР е само замајување на јавноста. ВМРО-ДПМНЕ продолжува со обвинувањата дека врвот на власта ги спасил челниците на мафијата и им помогнале да избегаат. Го повикуваат  министерот Спасовски да каже дали и зошто има лица кои не се дел од потерницата на МВР, а биле вмешани во трговијата со дрога.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста