Распишан јавен оглас за вработување на 500 полицајци

Министерството за внатрешни работи, согласно Законот за внатрешни работи и Законот за полиција а во врска со одредбите од Правилникот за начинот на спроведување на селекција и избор на кандидат за полицаец и начинот на работа на комисијата за избор на кандидат за полицаец распишува јавен оглас за вработување на 500 извршители на работно место „Полицаец“.

Поконкеретно, во однос на огласот за прием на полициски службеници, предвидено е најголемиот дел од нив да бидат распоредени на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје 360 извршители; потоа во Сектор за внатрешни работи Битола 20 извршители; во Сектор за внатрешни работи Охрид 30 извршители, во Сектор за внатрешни работи Струмица 20 извршители; во Сектор за внатрешни работи Штип 20 извршители; во Сектор за внатрешни работи Куманово 20 извршители; во Сектор за внатрешни работи Тетово 10 извршители и во  Сектор за внатрешни работи Велес 20 извршители.

Избраните кандидати ќе склучат договор за основна обука за кандидат за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука и на истата се упатуваат за 10% поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас. По завршување на основната обука, Министерството за внатрешни работи со кандидатот за полицаец, кој ја завршил основната обука за полицаец и кој врз основа на постигнатите резултати соодветно е внесен во ранг листата, склучува Договор за вработување во Министерството, со кој кандидатот за полицаец се стекнува со статус „полицаец – приправник“.

Министерството за внатрешни работи УКАЖУВА дека, согласно закон, полицаецот со договорот за вработување се обврзува да остане на работа најмалку пет  години на работно место „полицаец“ сметано од денот на склучувањето на договорот за вработување. Во спротивно, истиот е должен да ги надомести трошоците направени за неговата обука зголемени за три пати.

Кандидатите за полицајци треба да бидат државјани на Р. Македонија; да се полнолетни, а да не наполниле 25 години ако за првпат заснова работен однос на работно место во Министерството за кое е предвидено средно образование; активно да го користат македонскиот јазик; со безбедносна проверка да се утврди дека не постои безбедносен ризик од нивно вработување; да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование, да се здравствено и психофизички способни и со правосилна пресуда да не им е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност.

Во однос на посебните услови се бара висина од најмалку 175 см. (маж), односно 165 см. (жена) и висока лична физичка подготвеност.

Заинтересираните кандидати при конкурирањето во оригинал или копија заверена на нотар треба да достават извод од матична книга на родените, -диплома за завршено четиригодишно средно образование; доказ дека со правосилна пресуда не е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност и две фотографии, со димензии 3,5 см х 4,5 см.

Пријавата со потребната документација, кандидатите се должни да ја поднесат ЛИЧНО во едно од определените места за пријавување, и тоа: на подрачјето на СВР Скопје во Полициските станици од општа надлежност-Гази Баба, Бит Пазар и Карпош или во просториите на останатите сектори за внатрешни работи.
При поднесување на пријавата лицето треба да го наведе бројот на организациската единица (1. СВР Скопје, 2. СВР Битола, 3. СВР Охрид, 4. СВР Струмица, 5. СВР Штип, 6. СВР Куманово, 7. СВР Тетово и 8. СВР Велес) за која се пријавува. Кандидатот е должен при поднесување на потребните документи, со себе да носи лична карта или пасош за идентификација.
Постапката за селекција на кандидатите ќе ја спроведува Комисија за избор на кандидат за полицаец формирана од страна на министерот и истата се спроведува во следните фази:
-Административна селекција на поднесената документација (утврдување на навременост и потполнетост на поднесената документација, како и исполнетост на пропишаните услови);
-Проверка на моторички способности (за мажи: најмалку 9 склекови за 10 секунди, најмалку 16 стомачни подигања за 30 секунди, скок во далечина од место со минимална должина од 220см, спринт на 20 метри за најмалку 3,35 секунди, спринт на 100 метри за најмалку 15 секунди и трчање на 1500 метри за најмалку 5,25 минути  и за жени: најмалку 6 склекови за 10 секунди, најмалку 12 стомачни подигања за 30 секунди, скок во далечина од место со минимална должина од 160 см, спринт на 20 метри за најмалку 3,50 секунди, спринт на 100 метри за најмалку 18 секунди и трчање на 800 метри за најмалку 3 минути, и други физички проверки определени од страна на Комисијата)

-Психолошки тест (проверка на интелектуалните и емоционалните способности)

-Писмено тестирање (општообразовен тест),

-Интервју (поединечен устен разговор со пријавеното лице),

-Безбедносна проверка (утврдување на безбедносен ризик) и

-Здравствени прегледи (проверка на здравствените и психофизичките способности на кандидатите).

Министерството ќе врши безбедносна проверка на пријавените лица врз основа на нивна претходна дадена писмена согласност. Доколку лицето ја одбива безбедносната проверка, ќе се смета дека не ги исполнува условите за засновање на работен однос.

Здравствените прегледи во постапката за селекција за проверка на здравствените и психофизичките способности на кандидатите се утврдуваат од страна на Здравствена комисија формирана од министерот.
При спроведување на селекцијата на пријавените лица им се овозможува под еднакви услови да ги демонстрираат своите способности, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, верско уверување, имотна и општествена положба.

Потребната документација кандидатите ја доставуваат секој работен ден во рок од 15 (петнаесет) дена, сметано од денот на објавување на огласот (не сметајќи го денот на самото објавување),  во текот на работното време (08,30-16,30 часот).

 
КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста