Расипан телефон во Влада- владината програмата на Заев неуставна?!

Расипан телефон во Владата, премиерот зборува едно, неговите владини колеги друго. Дали Зоран Заев напишал неуставна владина програма? Според него, вработувања по етнички клуч биле неуставни. Но, според неговите коалициони партнери, токму такво нешто стоело во програмата на Владата, која беше изгласана од пратениците во Собранието.

-Немаме ниту причини, ниту потреба да развиваме посебно етнички политики, затоа што прво се неуставни, затоа што граѓаните се еднакви, еднаквоста мора да биде застапена, изјави Заев.

За разлика од зборовите на Заев, министерот за економија Крешник Бектеши вели дека Владата ќе ги помага приватните компании да вработуваат луѓе од етничките заедници, бидејќи такво нешто стоело во владината програма договорена меѓу ДУИ и СДСМ. Според зборовите на Бектеши субвенционирањето ќе започне од следната година.

-Таа мерка е измислена на таков начин, што ќе ги повика и охрабри приватните компании, да користат таква помош од државата, во зависност од структурата што ја има компанијата. Ние и во владината програма која е договорена меѓу СДСМ и ДУИ, заедничка програма, со која ќе функционираме овие четири години, тоа е предвидено на таков начин и секако дека ние тоа ќе го реализираме како Влада, изјави Бектеши.

И вицепремиерот за економски прашања контра зборовите на премиерот. Фатмир Битиќи кој е кадар на СДСМ, не потврди дека ќе имало субвенции, но порача дека ќе имало дебата на оваа тема.

-Секое едно прашање заслужува одговор, но заедничкото решение ќе го најдеме на масата во Владата. Да видиме што се идеите на сите страни, на крај да ги прашаме Стопанските комори, да ги прашаме Синдикатите, да ги прашаме самите граѓани што мислат околу тоа прашање и да видиме кое е решението, изјави Битиќи.

Околу изјавата на Заев, побаравме став од Артан Груби, кој прв ја промовираше оваа мерка на новата влада, но сепак засега одговор од првиот вицепремиер не добивме.

Матеја Петровски