„Расипан телефон“: Османи вели добивме датум, Шилегов слави, Димитров и Рот велат да почекаме

„Расипан телефон“ или ширење на лажен оптимизам од страна на владејачките кругови? Еден се пофали дека државата добила датум за старт на преговори, друг пак вели да почекаме, да бидеме внимателни. Според вицепремиерот за евроинтеграции, Македонија веќе добила датум за старт на преговори, а тоа треба да биде потврдено самиот на Советот на ЕУ овој месец, кој веќе е одложен поради коронавирусот.

-Информацијата ја добив и беше потврдена од неколку земји членки некаде по полноќ вчера, од нивни претставници кои што рекоа дека е постигнат консензус и дека и земјите кои што претходно имаа дилеми имаат дадено согласност за започнување на преговори, изјави Бујар Османи.

Додека Османи звучи многу оптимистично, министерот за надворешни работи Никола Димитров можеби малку пореален. Вели да останеме внимателни со оглед на последните горчливи искуства.

-Ќе биде многу важно за нас да се најде начин да се одржи на 24 март, за нас, за македонската јавност. Би повикал на внимателност, мислам дека после искуствата во 2018 и 2019 година, должни сме кон народот да бидеме внимателни и да чекаме целосно да се заврши работата пред да ги упатиме честитките и пораките, изјави Димитров.

Контра тврдењето на Османи и државниот министер за Европа на Германија, Михаел Рот, кој денеска беше виртуелен гостин во МНР. Според него се уште треба да се водат разговори, посебно со скептичните ги Холандија и Данска.

-Водев многу разговори, и се уште ќе се водат многу разговори за одлуките на Советот, заедно со нашите пријатели во Холандија и Данска. Јас сум оптимист дека ќе ни успее потребното зелено светло во следните недели да се даде, работиме на тоа интензивно, изјави Рот.

Затоа пак, градоначалникот на Скопје веќе слави за датумот кој Македонија треба да го добие на одложениот самит на крајот на март.

-Донесена одлука за почеток на преговорите за полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската Унија. Конечно, после долго чекање, напиша Шилегов на Фејсбук.

Иако дел од политичарите од власта слават датум, во соопштението објавено на сајтот на Европската комисија, не е споменато никаков датум за преговори за ниту една земја, единствено е напишано дека поради Ковид 19 се одложува самитот и како врвен приоритет се става справувањето со пандемијата во рамките на ЕУ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста