Рашковски во Мексико, Николовски во Дубаи – Филипче не сакаше да ги коментира шетањата во странство

Додека Македонија секојдневно брои голем број ново заразени и починати од Ковид-19, над четириесет илјади граѓани останаа без работа, илјадници  семејства преживуваат со по 100 денари неделно, владините функционери тераат одмор на егзотични локации. Рашковски во Мексико, Николовски во Дубаи. Патувања кои чинат многу пари.

Не запираат реакциите во јавноста откако генералниот секретар во Владата, кого го тресат скандали за набавката на софтвер за сообраќајни прекршоци, призна дека среде пандемија, со семејството е на одмор во Мексико.

Медиумите шпекулираа дека тој е во бегство, но вчера за „Фокус“ потврди дека  по три години, прв пат заминал на одмор

Нема место за сензација, на годишен одмор сум во Мексико. Заминавме на 14 -ти и таму ќе бидеме до 31 овој месец. Три години не сум бил на одмор, на сопругата ѝ е роденден. Следам сѐ што се случува, вели Рашковски.

И додека Рашковски од Мексико ги следи збиднувањата во Македонија, неговиот колега, Вицепремиерот Николовски одморал во Дубаи, потврдија од владата за Алфа. На нашето прашање – каков пример  даваат владините функционери , кога секојдневно македонските граѓани слушаат апели за одговорно однесување поради пандемијата, од владата велат дека правото за патување надвор од границите на Македонија не е ограничено за никого.

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, согласно Законот за работни односи, од приватни причини, користеше  одмор од 2020 година, во времетраење од три дена. Драги Рашковски користи годишен одмор од 15- 31 март 2021 година. Не постои забрана за влез и излез во земјата за македонски граѓани, тоа право не е ограничено за никого- велат од Владата за Алфа.

Луксузните хотели во Мексико и Дубаи чинат цело богатство, а најголемиот дел од македонскиот народ не може да си дозволи ниту да стигне до таму. Рашковски со семејството за престојот во Мексико , според понудите на „Букинг“, би платил најмалку 17.000 евра, а дополнително околу 8 илјади евра чинат авионските билети (Turkish Airlines). Додека пак вицепремиерот за борба против корупцијата, за авионски билети евра потрошил од 500 до 1800 евра а за ноќевање од лице од 250 до 1300 евра.

Рашковски и Николовски нема да мора одат ниту во 14-дневен карантин откако ќе се вратат во Македонија. Министерот за здравство Филипче, не сака да коментира индивидуални одлуки за патување, но кажа дека карантинот важи само за граѓани кои се враќаат од Африка.

„Не е загрозена работата на Владата во делот на кризното менаџирање, така што навистина не би сакал да ги коментирам тие одлуки за патување“, рече Филипче.

Инаку, Рашковски е главна тема кај јавноста. Тој лани за 81 илјади евра набавил  софтвер за сообраќајни прекршоци за камерите од „Безбеден град“ кој никогаш не бил искористен,  а софтверот го патентирал самиот тој.

Јавното обвинителство чека евентуални насоки од Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција како услов да постапат во врска со набавката на  генералниот секретар. Ако тоа не се случи, од обвинителство велат дека ќе преземат дејствија за откривање на кривичното дело и гонење на неговиот сторител.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста