Рашковски седнува на обвинителна клупа – Рускоска го поднесе обвинението против него

Обвинителството го срочи обвинението против екс-генералениот владин секретар Драги Рашковски. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, со кое раководи Вилма Русковска, денеска до Кривичниот суд во Скопје поднело обвинение против Рашковски и  уште шест лица за проблематичните набавки на софтвери.

Обвинението се однесува на јавните набавки за Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и камери за препознавање на регистарски таблички за возилата, а  имало и постапки за Систем за биометриска идентификација и метални кабини, чии тендерски услови според обвинителството си ги поставувале осомничените.

На првообвинетиот односно на Драги Рашковски му се става на товар продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело, додека останатите се товарат за помагање во извршување на кривичното дело.  

На овој начин, според обвинителството, Рашковски и останатите осомничени си ставиле во џеб скоро 300.000 евра.

Но, наместо во Шутка, Рашковски го дочекува обвинителниот акт во домашен притвор, иако Обвинителството повеќепати бараше тој да се врати во затворски притвор.

Дека набавката за софтверот за потребите на МВР била законито направена убедуваше само премиерот Заев кој застана во одбрана на екс генералниот секретар.  Неколкупати досега изјавуваше дека лично проверил дека се е во ред со набавката и Владата не би купувала софтвер ако нема потреба за тоа, па и дека не и верува на обвинителката Русковска во овој случај.

Во низата скандали,  можеа да се сретнат и информации дека Рашковски вози луксузен џип што не фигурира во неговиот анкетен лист доставен до ДКСК, а истиот ден тој поднесе оставка од функцијата секретар во кабинетот на Заев.

Последното што пламна во јавноста беа фотографиите како Рашковски си шета слободно по улици во скопски Аеродром додека треба да седи во куќен притвор. Објаснувањето беше дека Основниот суд му дозволил во одреден период од денот да користи здравствени услуги.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста