Рашковски се појави на работа, ќе излезе ли пред јавноста за скандалите во кои има главна улога?

Рашковски денеска конечно се појави на работа, дознава Алфа. Пред 10 часот тој пристигнал во Владата во возило BMW M 5. Откако го заврши одморот во Мексико, каде отиде во време на пандемија, оти 3 години не бил на одмор, а и било роденден на сопругата, Рашковски реши да отиде на работното место.

Требаше да се врати во Македонија на 31 март,опозицијата со сомбрера отиде да го пречека на скопскиот аеродром, но не го дочекаа.  Ја прашавме Владата дали ова е прво појавување на Рашковски на работа по одморот, и ако е, како ќе биде оправдано неговото отсуство по завршувањето на патувањето во Мексико, но одговор не добивме. Не ни кажаа ни дали планираат прес-конференција со него со цел да се објаснат информациите за софтверот за сообраќајни прекршоци.

Рашковски е актуелен периодов по набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци вреден над 80 000 евра во времето кога тој беше генерален секретар на Владата.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и Антикорупциската комисија отворија постапки за случајот. Побаравме одговор од обвинителството дали ќе биде повикан Рашковски кај нив на разговор и кога, но не одговорија конкретно.

Обвинителството издаде повеќе наредби за прибирање на потребната документација. Се преземаат во континуитет дејствија за  утврдување на евентуална кривична одговорност, но со оглед на фазата во која се наоѓа постапката , не сме во можност да споделиме повеќе детали со јавноста велат ОЈО.

Двете институции ќе проверуваат зошто Рашковски, како генерален секретар, распишал тендер за софтвер за изрекување казни за сообраќајни прекршоци без координација со Министерството за внатрешни работи (како единствено надлежна институција за изрекување казни за сообраќајни прекршоци) и каква е поврзаноста на Рашковски со тендерот, со оглед на тоа што во 2018 година патентирал слична идеја.

Ова не е прва афера каде се споменува името на екс генералниот секретар на Владата, Рашковски се појави и во аферата Леонардо за набавка на систем за управување со воздушен простор во вредност од 7 милиони евра, но обинителството не покрена пријава.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста