Рашковски ја напушта Шутка, оди во куќен притвор

Драги Рашковски со гаранција од 500.000 евра сака да си ја купи слободата. Поранешниот генерален секретар на Владата, ја понуди оваа сума како гаранција за да се брани од слобода, а Вишото јавно обвинителство со позитивно мислење даде пас на судот да одлучи.

-Вишото јавно обвинителство Скопје, по предметот оформен по поднесена Жалба на обвинетиот Д.Р. со понудена гаранција, до Апелациониот суд Скопје согласно законските надлежности достави писмен предлог со кој му се предлага на Судот да ја уважи жалбата на обвинетиот, да ја прифати понудената гаранција и да ја замени мерката притвор со понудената гаранција, соопштија од Вишото јавно обвинителство.

Инаку, Рашковски е во Шутка веќе месец и половина, откако му беше променета првичната мерка куќен притвор, поради како што информираа од Обвинителството опасност од бегство, како и влијание врз истагата

-Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по жалби изјавени против решенијата на судија на претходна постапка од 16.04.2021 година со кои на Д.Р. и Д.С. им се определува мерка куќен притвор со дополнителни мерки за претпазливост, денеска одржа седница во присуство на странките, по која ценејќи го предлогот како и изјавените жалби донесе решение со кое ја прифати жалбата на Јавниот обвинител и го преиначи решението на судија на претходна постапка. Со тоа на осомничените Д.Р. и Д.С. им се определува мерка притвор во траење од 30 дена, соопштија пред месец и половина од ОЈО.

Гаранцијата која што ја нуди Рашковски е речиси двојно повеќе од она што тој пријавил дека поседува во Антикорупциска. Таму на име на негов имот, на сопругата и децата има пријавено околу 300.000 евра. Поранешниот владин ген сек е во притвор како осомничен за спорната набавка на софтверот за мерење брзина за МВР, а подоцна беа отворени и уште две истраги.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста