Рангелова била невина- доби слобода од Фетаи, па сега ќе се пресметувала со Мицкоски

Фатиме Фетаи ја ослободи Даниела Рангелова, па таа најави влез во битка со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. По четири години откако започна судскиот процес за протестот пред општина Центар, Фетаи реши да го повлече обвинението против Рангелова, и уште двајца обвинети, велејќи дека во текот на судскиот процес не собрала доволно докази против нив. Рангелова која гласаше на референдумот за промената на уставното име на Македонија, веќе подолго време е во конфликт со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, а сега директно најави дека влегува во дуел со Мицкоски.

-Сега можам слободно да се пресметам со тие што ме обвинуваат во партијата (КАКО ЌЕ СЕ ПРЕСМЕТАТЕ?) Вербално. Жал ми е што требаше четири години да се докажуваме, но со овие аргументи сега, излегува токму спротивното, од она што го тврдеше Мицкоски и компанија и сега можеме лично да се пресметаме на дуел, изјави Рангелова.

Фетаи побара највисоки казни за обвинетите Груевски и Јанакиески, што според одбраната е противзаконски, со оглед на тоа што тие се обвинети како поттикнувачи. Имено, обвинителката побара условна казна за Игор Бошковски, кој е обвинет за директен извршител на делото. Еленко Миланов, адвокатот на Јанакиески вели дека според закон поттикнувач не може да има поголема казна од директен извршител на делото.

-Работата е во тоа што не може поттикнувачот да одговора повеќе од директниот извршител. Поттикнувачот може да одговара само во рамките на своето поттикнување, дали во тоа поттикнување има насилство. Ако некој од она за што е поттикнат, а тоа е евентуално организирање на протест, излезе од рамките на она за што е поттикнат, тогаш поттикнувачот воопшто и не би можел да одговара, изјави Миланов.

Завршните зборови во судот ги дадоа обвинителката Фетаи и одбраната на обвинетите Никола Груевски и Александар Трајковски, кои побараа ослободителна пресуда велејќи дека нема сторено никакво кривично дело од нивна страна. За понеделник е предвидено завршните зборови да ги дадат Миле Јанакиески и другите обвинети.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста