Ралповски за Алфа: Се приклучување кон барањата на ССМ за минималецот да биде 18.000 денари по Нова Година

Конфедерацијата на Слободни синдикати ги поддржува и се приклучува кон барањата на ССМ за минималната плата да е 18.000 денари по Нова Година. Првиот човек на КСС, Благоја Ралповски за Алфа вели дека редно време било пратениците и министерството за труд и социјала го изгласаат законот.

Ралповски додава и дека висината на минималната плата не смее да биде пониска од 60% од просечната месечна нето-плата во последните три месеци, како и спирално зголемување на сите останати плати во државата.

  • Ние како КСС, стоиме зад се што предлага ССМ, и силно ги поддржуваме. Гледајќи го порастот на цените на се на пазарот, разговаравме дека не може да чекаме многу време, и бараме одма согласно закон да има усогласување на минималната плата. Имавме енормно зголемување на храната, средствата за хигиена и на горивата и врз основа на нашите пресметки и нашата интенција минималната плата да биде 60% од просечно исплатената плата, направивме пресметка која покажа дека минималната плата треба да биде 18.000 денари, вели за Алфа претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

Покрај КСС, ваквите барања ги поддржуваат сите синдикални организации.

Претходно, првиот синдикалец Дарко Димовски за Алфа рече дека веќе го поднеле предлогот до Собранието и ресорното Министерство. Ваквите барања, додава Димовски, синдикатот веќе подолго време ги бара, а како аргументи за зголемувањето на минималната плата ги посочува драстично поскапата живеачка, но и најавите за зголемување на цената на струјата која силно ќе удри по сечиј џеб.

  • Ние сме веќе во една економска криза, најавуваат енергетска криза, а така ќе се зголемат и останатите трошоци, овие барања на ССМ треба да се исполнат. Зголемување на минималната плата, недела неработен ден, да не се прави дискриминација на приватниот и јавниот сектор – регрес мора да има за сите. Постојано ги испраќаме нашите барања, и ја потсетуваме дека тие треба да се исполнат, вели за Алфа претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Синдикатот бара поддршка од сите пратенички групи за овој предлог.

Синдикатот додава дека мора да им се помогне на работниците за да може полесно да ги подмират основните месечни потреби. Растот на минималецот, велат, не влијае негативно, туку напротив позитивно на продуктивноста на работниците. Според нив, во зависност од брзината на преговорите, меѓу сите засегнати страни, ако нема резултат, ССМ ќе повика на генерален штрајк.

Инаку, последните податоци за синдикалната минимална кошница покажуваат дека таа само во октомври е зголемена за 200 денари во однос на септември. Според податоците на ССМ, таа изнесувала 34.584 денари. Најголем процент од месечните трошоци одат за храна и за режиски трошоци.

Борис Грујоски

Поврзани вести