Раководството негира одговорност за лошата финансиска состојба на Македонска пошта

Одлуката за продажба на Македонски пошти не дошла поради лошото менаџирање со компанијата – се правда директорот Ејуп Рустеми. Финансиската дупка во Македонски Пошти се продлабочила поради затворањето на Еуростандард банката и ковид кризата. Менаџментот упорно тврди дека претходно се обиделе да ги консолидираат финансиите. Загубата од 2,7 милиони евра во 2018-та била намалена на нешто над 1 милион евра.

„Остварениот финансиски резултат во првото полугодие од годината изнесува минус 52.5 милиони денари. Планот за првите шест месеци од 2020 год., се остварува со 96,2 %, а планираните   приходи   изнесуваат   586.5   милиони   денари.  Во  делот на трошоците остварени се 616.8 милиони денари“ – велат од Македонски пошти.

Во минатото експозитурите на Пошта беа предмет на грабежи, изби пожар и во Централата во Скопје, а акционерското друштво важеше за прибежиште на партиските кадри на ДУИ. За менаџерскиот тим се плаќаа огромни суми за премии од осигурување.

„Управниот одбор потпишува менаџерски договор со надзорниот одбор. Според договорот, беше дозволено менаџерско осигурување. Во 2020 година тоа беше тргнато, секако поради корона кризата и нејзините последици“ – велат од Пошти.

Менаџментот сега нема конкретен одговор дали Владата ги консултирала раководните лица при донесување на одлуката за продажба и што ќе се случи со вработените, дали ќе продолжат да работат во компанијата или пак ќе останат на улица. Како можен заинтересиран инвеститор се споменува компанија од Словенија.

Македонската пошта со години се вбројува меѓу најголемите државни загубари. Овие компании важат за главни вработувачи на партиски кадри, не се ефикасни и не обезбедуваат квалитетни услуги. Над 60% од фирмите во владина сопственост работеле со загуба во првите 6 месеци од годинава. Најголем минус прокнижиле Државните електрани, МЕПСО и Македонска Навигација. Во овие фирми се делат највисоки плати, а некои од нив поделија и К-15 за време на корона кризата.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста