РАКОМЕТАРИТЕ ДЕНЕСКА ЛЕТААТ ЗА ФИНСКА ЗА УТРЕШНАТА СРЕДБА (17.00) ОД КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП

Најдобрите македонски ракометари кои вчера се собраа во Скопје имаа премалку време за подготовки и веќе денеска заминуваат за Финска каде утре попладне не очекува дуелот од петтото коло во групата 7 од квалификациите за Европското првенство. Селекторот Кире Лазаров вчера одржа два тренинга и ги издвои патниците за Рихимаки каде утре од 17 часот ќе се обидеме да ставиме точка на овој циклус и потоа в недела ќе ја дочекаме Швајцарија за да прославиме уште еден настап на континентална завршница. Најдоброто сценарио за нас е да славиме кај аутсајдерот во оваа конкуренција Финска, а Швајцарија да загуби дома од фаворитот Данска по што соочувањето на 2 мај со Швејцарците во Јане Сандански би било само формално завршување на квалификациите.