Радијаторите студени, сметките зголемени – скопјани се жалат за неодговорност на институциите

Додека енергетските компании, Владата и општините си ја префрлаат топката каде бил проблемот, расте револтот на граѓаните кои имаат слабо, или воопшто немаат парно греење. И денеска, кога падна снег и температурата е ниска, дел од жителите на Аеродром, Центар, Карпош и Кисела Вода, се пожалија дека мрзнат во овие студени денови. Велат дека не било нормално компаниите кои ги снабдуваат граѓаните со топлинска енергија по цели денови да го штедат парното, зашто добар дел од граѓаните биле и со мали деца.

Граѓаните регаираат и дека покрај што плаќаат повисоки сметки, дома се покривале со кебиња, а дополнително се догреваат со инвертери или греалки.

  • Многу слабо, дури и ич, радијаторите ни се студени. Топлина има, ама исто како да ја нема, со ќебиња сме покриени по цел ден, а поради децата, мораме и гралки да пуштаме за да ги дозатоплиме домовите, реагираат граѓаните пред камерата на Алфа.

Од „БЕГ“ признаваат дека испорачуваат оптимизиран режим на испорака на топлина, зашто гасот кои го купувале бил многу поскап.

  • Ваквиот режим на испорака на топлинска енергија е оптимизиран, односно редуцирани се внатрешните температури на објектите кои имаа повисоки температури од пропишаните. Во услови на енергетска криза и раст на цената на енергенсите, цената по која компанијата го купува приодниот гас е повеќе од 4 пати повисока од цената која е предвидена во тарифата, велат за Алфа од „БЕГ“.

Од Топланата „Скопје Север“ пак која веќе една недела не ги грее своите корисници, се надеваат дека денеска Општина Чаир ќе го подмири долгот за да може да купат гас и да го вклучат греењето. Сепак овие пари, велат, немало да бидат доволни за да можат да функционираат. Нивните финансиски последици се многу поголеми поради високата цена на гасот.

Од општина Чаир за Алфа велат дека парите во текот на денов ќе биле уплатени и веќе од утре ќе ги имале на нивната сметка.

  • Поради празниците не е извршена исплата и денеска ќе се исплати дел од долгот. Но, мора да нагласиме дека и да се плати целиот долг, доволно е само неколку дена да има парно, бидејќи компанијата има проблем со покачувањето на цената на гасот. Значи, општина Чаир не е главната причина зошто нема парно греење, велат од општина Чаир за Алфа.

Од „ЕСМ Енергетика“ веќе соопштија дека, испораката на топлинска енергија била континуирана и согласно мрежните правила.

Од Владата барем за сега конкретен одговор нема.

Енергетските експерти по кој знае кој пат предупредуваат дека следните зимски месеци, додека трае грејната сезона ќе бидат тешки, затоа државата да им помогне на компаниите да го истуркаат периодов. Инаку, новогодишната честитка од Регулаторна за граѓаните е поскапо парно за 14%.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста