Работниците од „Еурокомпозит“ тврдат дека премиерот Ковачевски бесрамно лаже

    „Премиерот без срам ве излажа и вас новинарите, а и целата јавност. Тој очигледно ниту знае каде се наоѓа Фабриката, а уште помалку дека таа веќе три години е само руина во која ниту има работници, ниту пак нешто вредно има останато. Ова е реакцијата на претседателот на Синдикатот при „Еурокомпозит“, по вчерашната изјава на премиерот Ковачевски дека Владата во сиве овие години се грижела за да се одржел стандардот на вработените кои што работеле таму, со цел да не се прекинело производството на воена опрема оти сме биле НАТО-држава ?!

 „Со таа негова изјава вчера сака да каже дека ние во овие три-четири години, откако излегуваме, протестираме, штрајкуваме, излегува во ситуацијава дека ние лажеме, а премиерот ја кажува вистината. Значи, буквално го канам и премиерот и цела македонска јавност нека повелат, нека дојдат во „Еурокомпозит“ да видат само каква е состојбата во Фабриката – дали се работи и дали може некогаш да проработи таа Фабрика ?! – ни изјави за Алфа, Роберт Богданоски, претседател на Синдикатот.

  Богданоски е вчудоневиден како еден премиер може да биде толку неинформиран и така да ја лаже целата јавност ? Тој  потсетува и на тоа дека уште од времето на екс-премиерот Заев добивале бројни ветувања дека Фабриката ќе проработи. Но, како што посочува, Фабриката не само што не проработила, туку во меѓувреме и целосно е испокрадена.

  „Дали беше таа лага на премиерот за да се извади од ситуација или некој од Прилеп му има кажано дека во Фабриката се работи, дека е се во ред со нашата фирма, ама таа изјава од премиерот беше чиста лага. Нас ни беше ветувано уште со претходниот премиер Зоран Заев дека ќе се реши нашиот проблем со „Еурокомпозит“. Како што поминуваше времето, се повеќе се крадеше, се пљачкаше фирмата и таа Фабрика не може никогаш повеќе да проработи“, – вели Богданоски.

  Инаку, во „Еурокомпозит“ со години нема ниту струја. Преостанатите дваесетина вработени кои немаат никаков статус и со години не одат на работа, последна плата од по 14.500 денари зеле во 2019-та година. Овие луѓе досега не беа опфатени и ниту со еден Ковид-пакет, иако постојано го бараа тоа.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста