Синдикатите маршираа за „Недела неработен ден“, повисоки плати и К-15 за сите работници

Недела за неработен ден ќе се изгласа во Собранието во текот на следната недела. Првиот сидникалец Дарко Димовски, рече дека разговарал со пратениците и добил уверување дека измените на Законот со кој ќе се прогласи недела за неработен ден ќе се изгласаат во Собранието веќе од понеделник. Законското решение треба да стапи на сила од 1-ви јануари.

  • Добивме уверување и ветување дека законот за недела како неработен ден ќе биде изгласан уште следната недела и ќе важи од 1 јануари. Што се однесува до минималната плата, и тоа предложено законско решение нема да го бојкотираат, само се плашат да не се стави некој амандман, бидејќи не сите пратеници го поддржаа покачувањето на платите, па така и на минималната. Но, ќе се истурка и тоа законско решение, барем до крајот на јануари, кажа Димовски пред насобраните.
  • Ги потсетувам дека треба да направат промени на законот за минимална плата, како што знаеме насекаде скапотија, ценовни шокови, по маркетите, по пазарите, а они ништо. Затоа сметаме дека минималната плата треба да изнесува 60 проценти од просечната плата, или како што ни најави премиерот од 1 јануари да изнесува 18 илјади денари. Но, тука не треба да застане, сите плати треба скалесто да растат, бидејќи животните трошоци на сите ни се зголемија. Затоа е неоходна примената на колективните договори, изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Да се исплаќаат празнични дневници на работниците, минималецот да биде 60% од просечната плата, односно 18.000 денари, потпишување на Општиот колективен договор, исплата на К-15 и јавниот сектор, спирално зголемување на другите плати – бараат меѓу другото од Сојузот на синдикати на Македонија.

  • Сакаме јасно да им кажеме на пратениците дека тука сме повеќе од 61 и дека по вторпат не можат да нѐ изиграат за законското решение да не се работи во недела, според кое 92% од работниците денеска требаше да одмораат, а 8% да земат дневница зголемена за 50%. Затоа ги повикувам уште утре да го изгласаат ова законско решение и да го променат законот за минимална плата, која треба да изнесува 60% од просечната плата, односно 18.000 денари, како што најави премиерот. Исто така, бараме регрес, односно К-15 за сите работници и да престане да се прави дискриминација помеѓу јавен и приватен сектор, кажаа од ССМ пред Собранието.

Работниците го изразија незадоволството, од како што велат, глувиот одност од институциите, како и игнорантскиот одност од страна на власта. Тие повикаа да престанат поделбите на леви и десни работници, како и да се прекине дискриминацијата на работниците од јавниот сектор.

  • Недозволиво е да се забранува синдикално организирање во големи компании кои бројат од 3.000 до 5.000 вработени, тоа го нема никаде на светот. Нека се подготват добро и нека очекуваат синдикален напад во наредниот период. Доаѓаме во вашите компании, кажаа на протестот.

Нема ништо посилно во оваа држава од независниот работник, кој изминативе години ги има изгубено сите работнички, но и човекови права, велат синдикалните работници кои излегоа на протест во Скопје.

  • Нема ништо посилно во оваа држава од независниот работник, изјави потпретседателот на Синдикатот од јавниот сектор Љубиша Каранфиловски.

Тој повика да престанат поделбите на леви и десни работници, како и да се прекине, како што вели, дискриминацијата на работниците од јавниот сектор.

Протестот почна пред зградата на ССМ, и продолжи пред Собранието, а заврши пред зградата на Стопанската комора на Македонија. Ако не се исполнат барањата, синдикатот најавува генерален штрајк.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста