Работниците од културата денеска штрајкуваа и во Битола
Вработените во националната установа Завод и музеј Битола денеска стапија во еднодневен предупредувачки штрајк заедно со Центарот за култура во Битола, откако не успеаја преку својот синадикат да се договорат со оваа власт за донесување колективен договор.
-Пред се, бараме подобрување на нашите плати и не само израмнување со другите институции во културата, туку и подобрени услови за работа, давање на теренски и патни трошоци – рече Слободан Стојковски, археолог и претставник на Штрајкувачкиот одбор на СРК.
Мизерни плати со кои докторите на науки добиваат само по 400 евра, службени патувања без дневници и други трошоци, конзерваторска и реставраторска работа без заштита при работа, се само дел од проблемите што денеска ги посочија вработените во Завод и музеј Битола.
– Заштитата и музејската дејност останаа на најниско ниво каде што и доктори на науки добиваат мизерни примања – рече археологот Енгин Насух.
– Културата е на најпоследни гранки и чекаме колективен договор. Одиме, штрајкуваме, се одложува и тоа трае до сега. Јас догодина јас ќе се пензионирам, а уште го немам дочекано новиот колективен договор – рече Весна Кочанковска, градежен инженер.
Вработените во Народната библиотека и Битолскиот театар рекоа дека се солидаризираат со протестот, но не штрајкуваа бидејќи биле членови на СОНК.
Петар Стефановски