Работниците од „Еурокомпозит“ биле излажани дека ќе им бидат исплатени придонесите ?!

Работниците од загубарот „Еурокомпозит“, кои веќе цел месец се на принуден одмор, а плата не примаат со месеци, биле излажани дека ним, но и на нивните колеги кои заминаа како технолошки вишок, државата ќе им ги исплати долговите на име придонеси. Ова денеска го изјави првиот синдикалец во Компанијата по средбата со двајцата опозициски прилепски пратеници, според кои, во Буџетот немало ставка од која можело да бидат исплатени овие пари, иако Одлуката веќе излегла во Службен весник.

Претставниците од Синдикатот имаа средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од кого побараа тој да ургира во МВР, односно до техничкиот министер Наќе Чулев, за на Компанијата да и биде исплатен долгот од 1.600.000 денари, пари кои ова Министерство му ги должело на „Еуркомпозит“, како би си обезбедиле работа за наредниот период.

Инаку, „еурокомпозитовци“ освен што со месеци немаат работа, тие се уште земаат заостанати делови од плати за минатите години, а додека за цела 2019-та немаат земено ни денар. Од четвртокот во Фабриката е исклучена и струјата, а на 64-цата работници продолжени им се решенијата за принуден одмор на уште еден месец.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста