Путин во официјална посета на Србија

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе престојува во официјална посета на Србија на покана на шефот на српската држава Александар Вучиќ.

Според најавите, по свечениот пречек на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, Путин ќе положи венци на Гробиштата на ослободителите на Белград и на Споменикот на црвеноармејците, по што ќе има официјална средба со неговиот домаќин Вучиќ.

По разговорите во четири очи меѓу двајцата шефови на држави, ќе се одржи официјална средба меѓу делегациите на двете земји и ќе бидат потпишани повеќе документи за соработка, по што Путин на Вучиќ ќе му го врачи Орденот на Александар Невски.

Путин ќе го заврши престојот во Србија со посета на белградскиот храм „Свети Сава“.