Пуштено на слобода лицето осомничено за пукањето во Ѓорче Петров

Основното јавно обвинителство Скопје побара лицето кое беше осомничено дека на 1 март годинава од патничко возило „Голф“ пукало кон „Мерцедес“ управуван од лице од Горно Свиларе, кое се здобило со прострелна рана во натколеницата, да биде пуштено од краткотраен притвор, бидејќи ДНК трагите најдени во возилото не се од него.

ОЈО денеска соопшти дека извештајот од направената анализа покажал дека биолошките траги најдени во „Голфот“ не одговараат на ДНК профилот на лицето на кое му бил определен краткотраен притвор од 48 часа.

Исто така, при постапката на препознавање, повредениот не го препознал притвореното лице.

– ПРИ ВАКА УТВРДЕНИ ФАКТИ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО УТВРДИ ДЕКА НЕ ПОСТОИ ОСНОВАНО СОМНЕНИЕ ДЕКА ЛИЦЕТО СПРЕМА КОЕ БЕШЕ ОПРЕДЕЛЕНА МЕРКА КРАТКОТРАЕН ПРИТВОР Е СТОРИЛЕ НА КРИВИЧНОТО ДЕЛО И ОД ТИЕ ПРИЧИНИ НЕМА ДА ОТВОРИ ИСТРАЖНА ПОСТПКА ПРОТИВ НЕГО. ВОЕДНО, НАДЛЕЖНИОТ ОБВИНИТЕЛ ГО ИЗВЕСТИ СУДИЈАТА НА ПРЕТХОДНА ПОСТАПКА ПРИ НАДЛЕЖНИОТ СУД И ПОБАРА ЛИЦЕТО ВЕДНАШ ДА БИДЕ ПУШТЕНО ОД КРАТКРОТРАЕЈНИОТ ПРИТВОР, СЕ ВЕЛИ ВО СООПШТЕНИЕТО ОД ОЈО СКОПЈЕ.

Настанот се случи на 1 март околу 16 часот на улицата „Борис Сарафов“ во скопската населба Ѓорче Петров, кога од патничко возило „Голф 5“ без регистарски таблички беше пукано со огнено оружје кон „Мерцедес“ управуван од лице од село Горно Свиларе, кое беше повредено во левата натколеница.

За истиот настан, како што информира ОЈО, било приведено уште едно лице, но потоа тоа било пуштено бидејќи од МВР не биле обезбедени и приложени докази на негова инволвираност.

Обвинителството издаде повеќе наредби и насоки на Министерството за внатрешни работи во насока на утврдување на идентитетот на сторителот на конкретното кривично дело. Откако МВР ќе го утврди идентитетот на сторителот и ќе обезбеди докази во поглед на кривичното дело, ќе поднесе кривична пријава по која Обвинителството ќе постапи согласно надлежноста, се вели во соопштението од ОЈО Скопје.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста