„Пуцко Петрол“ ќе гради бензиска станица пред СЦ Борис Трајковски

На локацијата пред лукзузниот хотел „Александар Палас“ и спортската сала „Борис Трајковски“ ќе никне бензиска пумпа. 16 советниците во општина Карпош кренаа рака „ЗА“ и го изгласаа ДУП-от под закана општината да треба да исплаќа милионски суми по евентуално изгубен судски спор. Општината беше тужена поради тоа што Уставниот суд го поништи претходниот урбанистички план, со што на тужителот му била нанесена штета. 

Синоќа градоначалникот Стевче Јакимовски свикал вонредна седница со една точка на дневен ред односно носење на ДУП за градска четврт З 04, блок 5 или локацијата пред спортскиот центар Борис Трјковски. Според ДУП-от, се предвидува простор за комерцијални и деловни објекти, зеленило и рекреација, инфраструктура и сообраќајници, спортски базени и пливалишта, хали за повеќе спортови, дрвореди, украсно и заштитно урбано зеленило, пешачки простори, примарни и секундарни улични мрежи, како и бензинска пумпa.

За ДУП-от гласаа советниците од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ, додека пак советниците од Левица и Независни за Карпош не присуствуваа на седницата.

Ценејќи ја сериозноста на ситуацијата и заканата од милионски суми на штета по евентуалниот судски изгубен спор за Општина Карпош, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Општина Карпош ќе ја поддржи точката од предложениот дневен ред. Непријатноста во која што сме доведени за толку важно прашање да одлучуваме на вонредна седница веројатно е настаната поради неодговорното владеење на претходниот градоначалник од редовите на СДСМ. Од за нас неразбирливи причини, актуелниот градоначалник ова не го посочува вели советникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Советничката група од ВМРО-ДПМНЕ ќе бара од соодветните органи и институции да покренат истрага во која ќе утврдат одговорност на сите инволвирани во овој случај.

Инаку, ова ќе биде четвртата бензиска пумпа на овој потег од градот, бидејќи во непосредна близина на локацијата, на само еден квадратен километар веќе има три.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста