Првомајски протест на ССМ: Држава ви изградивме, без плати не оставивте, порачуваат работниците од протестот на ССМ

Повисоки плати од утре, не  сме ви робови седум дена во неделата, се да застане за работникот да опстане- ова беа пораките од работниците кои во организација на Сојузот на синдикати на Македонија излегоја на првомајски протест и ги поставија нивните барања на улица.

Пред се, да се врати достоинството на работникот, линеарно зголемување на платите и во јавниот и во приватниот сектор и повлекување на иницијативата  од Уставен суд за да се стопира Законот за недела неработен ден.

Плати поголеми уште од утре, бидејќи економската криза ја изеде платата на работникот. Да ја повлечете претставката за недела неработен ден, бидејќи тоа е реалност за работникот. Нема да ви бидеме робови седум дена во неделата, порача Дарко Димовски претседател на ССМ

Пред Владата синдикалците јасно и гласно ги поставија нивните барања. Велат, немаат веќе трпение за тоа што властите немаат слух за нивните барања и побараа истите итно да бидат процесуирани од властите.

Време е да им кажеме дека постоиме и на работодавачите. Сакаме повисоки плати, скалесто усогласување со минималната плата, намалување на сиромаштијата, пристојни и одржливи работни места, социјална сигурност, учество во креирање на националните политики, уредување на правата од работен однос со колективен договор, нов закон за работни односи по теркот на светското законодавство, вели Иван Пешевски – синдикат за градежништво, индустрија и проектирање.

На маршот се појавија Вицепремиерот за економски прашања и Министерката за труд и социјална политика, кои покрај честитки за Денот на трудот и ветувања дека ќе ги разгледаат нивните барања овој први мај се наканија да ги поканат на средба претставниците на ССМ во Владата.

Нема повредно и поважно што треба да се заштити од човечкиот капитал затоа ја поддржувам и ја продолжуваме борбата за работничките права. Да зборуваме гласно и да се бориме за еднакви можности за сите и еднакви шанси за жените и мажите. Заедно со нашите социјални партнери преку дијалог, како и досега, ќе продолжиме да креираме системски решенија кој ќе не носат кон развој, рече Фатмир Битиќи вицепремиер за економски прашања

Ветувам дека заедно ќе ја продожиме борбата за подобри работни услови, за унапредување на работничките права и за поголеми плати, изјави Јованка Тренчевска Министер за труд и социјална политика

Судејќи по скромното соопштение од Владата кое го добивме по неколкуминутната средба, синдикалците и овој Први мај  си отидоа дома со ветувања. Според Влада, на средбата се разговарало за сите прашања кои се во насока на работничките права секако со ветување дека ќе ја продолжат борбата за работничките права.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста