Прво задолжување од 8 милиони евра годинава

Прво задолжување на техничката Влада годинава од 8 милиони евра. На аукција беа понудени 12-месечни државни записи без девизна клаузула и камата од 0.6%. Со ова, министерството за финансии од денеска го почнува редовното задолжување на домашниот пазар на секои две недели предвидено со буџетот за годинава. На задолжувањето се спротивстави дополнителната заменик министерка за финансии Димитриеска – Кочоска. Вели ниту била информирана, ниту пак се согласува со задолжувањето. Стравува дека парите ќе се потрошат за непродуктивни цели.

Димитриеска – Кочоска се изјасни и против ново задолжување со еврообврзница, откако министерката Ангеловска најави дека се разгледува таа опција. Вели, за издавање еврообврзница, тие две немале дискусии, но и дека ако оваа точка биде ставена на дневен ред, таа нема да се согласи и нема да потпише таква одлука. И покрај тоа што Димитриеска – Кочоска работи во ист објект со Ангеловска, нова средба немало, а комуникацијата продолжила да се одвива отежнато.

Освен денешното задолжување од 8 милиони евра, министерството за финансии предвидува уште едно на 28 јануари. Месецов, за враќање на стари долгови, пак, достасуваат 11,38 милиони евра. Во буџетот е предвидено вкупно задолжување на домашниот пазар од 200 милиони евра годинава.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста