Прво останаа гладни, а сега им даваат замрзнати и ладни оброци на учениците во аеродром

Наместо топол оброк, децата од основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ од скопската населба Аеродром добиваат замрзната и подгреана храна, се пожалија родителите кои барем денеска порано си ги зедоа своите деца. Велат дека храната ја добивале во пластични тањирчиња, и таа не личела на ништо.

Алфа ги праша и дечињата кои на излегување од училиште, се пожалија дека јадењето не било како порано. Велат дека такво не сакаат да го јадат, зашто било студено и неквалитетно.

– Оризот како супа е, ужасно е, лошо е, студено, се пожалија дечињата.

Дека проблем има потврди и директорот на училиштето Марјан Јовановски.

Директорот рече дека постапката за нова фирма која ќе обезбедувала храна била во тек, и за повеќе информации не упатија до основното „Браќа Миладиновци“. Од таму, не беа расположени за коментар.

За проблемот, Алфа стапи во контакт и со Општина Аеродром. Од таму преку штуро соопштение ни рекоа дека се било во ред.

– Нема никаков проблем со топлиот оброк на децата во основните училишта во Општина Аеродром. И во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ и во сите други училишта децата добиваат редовно храна за која веќе имаме позитивни реакции од родителите и од самите дечиња дека е квалитетна, велат од Општината.

Инаку, проблемот следува откако е поништена постапка за избор на фирма на ниво на општина Аеродром, а истиот барем за сега не е решен, и се уште нема задолжена компанија за храната на децата.

Според директорите, изборот на фирма за храна, секое училиште, си го вршело посебно, но од лани, сето ова оди преку општината.

Претходно, со немање храна во школите за дечињата, се соочија сите основните училишта низ скопски Аеродром.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста