Првата генерација прилепски медицински сестри-акушерки одбележува шеесет години од матурирањето
„Во далечната 1960-та година, ние 40-тина 14-годишни девојчиња се запишавме како прва генерација во штотуку отвореното прилепско Средно Медицинско училиште за струката медицински сестри-акушерки. Од нив, завршивме само 18, бидејќи критериумите беа многу строги, а ние, иако бевме само со завршено средно образование бевме многу стручни и оспособени дури и сами да ги водиме породувањата“. Сега веќе 19 години пензионираната акушерка Магда Тинтоска – Матракоска која е една од само неколкуте се’ уште живи акушерки од таа прва генерација, со голема носталгија, но и радост се присетува на тие, како што вели, преубави пионерски времиња во здравството кај нас.
„Бевме толку стручно подготвени што сами водевме раѓања, и тоа се распространивме низ цела тогашна Југославија. Наши ученички се вработија во Љубљана, заминаа во Шведска, во Швајцарија и сите каде што отидоа станаа главни сестри на одделение….А некои отидовме и по селата, јас еве, конкретно работев три години на село. Имав 360 раѓања за три години….Дома ги пораѓав. Сама работев, со општи лекар, меѓутоа ниеден пораѓај не беше со смртен исход, иако имаше и патолошки раѓања, меѓутоа бевме спремни ние“, – раскажува Магда Тинтоска – Матракоска, пензионирана акушерка.
Слични се сеќавањата и на нејзината колешка Катерина Арапческа – Јакимоска која вели дека и ден-денес таа си е и буквално вљубена во својата професија.
„Од тие 18 дипломирани сестри, докторот Брашнаров, кој бешепрв гинеколог во Прилеп, не’ одбра по успехот.нас не’ спремаа за теренски акушерки…Јас има појдено Мариово со хеликоптер во тоа време. А сега мислам дека е многу полесно затоа што секогаш имаат гинеколог со нив за да им помогне, а ние сами, по 24 часа дежуравме…Јас сум плачела и сум пораѓала – струја ќе снема, аспиратор нема, не можеш бебето да го аспирираш. Трчав налево- надесно, со свеќи со ламби“ – ни рече Катерина Арапческа – Јакимоска, пензионирана акушерка.
Денес, 64 години подоцна, во СОУ „Ѓорче Петров“, 545 ученика изучуваат неколку области од здравствената струка, а од нив 272 се медицински сестри и и понатаму од ова училиште излегуваат квалитетни кадри исто како некогаш, вели директораката на училиштето.
„Имаме многу голем интерес за препис на дипломи од здравствена струка, во просек по околу 10 и повеќе годишно и исто така, многу често, медицинските сестри кои што веќе се иселиле во странство, бараат да им се направи фонд на часови за да можат да работат таму кај што се појдени“, – изјави вели Жанета Видевска, директор на СОУ „Ѓорче Петров“, Прилеп.
Инаку, прилепското Медицинско училиште е второ такво училиште кое било отворено во шеесетите години од минатиот век Македонија. Дотогаш, такво средно училиште имало само во Скопје.
Каролина Дурло